Како до поголеми можности за искористување на европските фондови
Општините се важен столб на патот кон Европската Унија и потребно е да се обезбеди координиран настап за поголема искористеност на европските пари, истакна Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешниот состанок на Југозападниот плански регион. Минатата година деветте општини опфатени во регионот искористиле мал процент од расположивите средства од Европската Унија.
Денеска во Струга се одржа средба со градоначалниците од Југозападниот плански регион, посветена на можностите за поголема искористеност на европските фондови за реализација на проекти на локално и регионално ниво. Деветте општини од југозападниот плански регион досега од 2014 до 2020 искористиле околу 10% од расположливите средства од ЕУ наменети за Македонија. Додека пак од 2007 до 2013 искористеноста на средствата од европските фондови била околу 40, посочува Стојан Савески од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
„Во овој нов програмски период до 2014 – 2020 година на Република Македонија на располагање и стојат околу сто милиони евра годишно, наменети за финансирање за различни домени од општественото живеење. При тоа еден од клучните сегменти односно субејкти кои што можат да придсонесат за поголемо искористување на средствата се општините кои што можат да се појават како апликанти за искористување на тие средства“.
На средбата присуствуваше и Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој беше во улога на национален координатор надлежен за ИПА фондовите на ЕУ. Тој рече дека интенција на Владата е да биде максимално отворена во комуникациите со општините, се во насока за ефикасно користење на средствата што стојат на располагање. Османи истакна дека наредниот период во поголем обем ќе има реализација на проекти од прекугранична соработка, како со средства од ИПА 2 фондовите така и преку други начини за финансирање како билатерални договори и слично.
„Целта на оваа посета е да ги видиме потребите општините, да видиме што можеме како Влада да помогнеме тие проекти да бидат пообемни, поквалитетни за да можат да бидат ефективни. Капацитетите и на државата во апсорпција на ИПА фондовите се зголемува од ден на ден. Почнавме со помал капацитет, но со стекнувањето искуство тие стануваа поголеми. Само во еден столб од ИПА – фондовите за 2017 година забележавме апсорпција од 96 проценти од средствата што е максимум“
Општина Дебрца во изминатиов период не може да се пофали со реализација на проект со искористеност на средства од Европските фондови, вели Зоран Ногачески, градоначалник на Дебрца. Но затоа пак од оваа пролет градоначалникот веќе најавува размрдување на општината на тоа поле.
„Во рамките на прекугранична соработка со Грција, се работи за проект за заштита на биолошката разновидност во пограничните подрачја. Ние сме носител на проектот од македонска страна заедно со Јасен и Шумарскиот факултет, се работи за истражување на биолошката разновидност на Белчишкото блато и за реконструкција на еден објект во село Белчишта, кој ќе биде претворен во своевиден музеј“
Инаку денес Советот за развој на Југозападниот плански регион ја одржа третата седница на која беа разгледани Извештајот со степенот на реализација на Програмата за развој на Регионот во 2017 година, а беше разгледан и усвоен Акцискиот план за работа на Центарот за развој за тековната година.