Како се хранат вашите деца додека се на училиште?
Инстант пире со варена виршла, тост, хот-дог. Ова се дел од специјалитетите кои децата секојдневно ги консумираат.
Каква храна консумираат децата додека се на училиште? Ова е прашање кое го допира секој родител. Одамна веќе по училиштата не функционираат оние класични кујни, со готвачки и убаво подготвено мени кои се дел од самото училиште.
Наместо тоа, сега храната за вашите деца ја подготвуваат приватни фирми кои само географски се поврзани со училиштето за кое готват. Основното училиште Свети Климент Охридски е едно од училиштата каде што функционира ваква кујна. Тие велат дека се трудат храната за децата да биде свежо подготвена, а и во во неа да доминираат овошјето и зеленчукот.
Директорката Славица Илиќ вели дека за да се осигураат дека оваа храна е безбедна тие редовно праќаат примероци на испитување во Центарот за јавно здравје. Според д-р Лидија Симоноска, специјалист за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје, она што се прави, сепак не е доволно бидејќи малиот детски организам треба дневно да консумира по најмалку 1470 килокалории.
„Просек за пет дена во Свети Климент изнесува 1097, 3 килокалории по порција. Белковини растителни до 23 е нормативот, а овде најдено е 21,54, треба да се внесуваат малку повеќе салати, овошје. Животински белковини исто е 23, а внесено е 14,11 што е многу пониска вредност од нормативот што е даден.“-вели д-р Лидија Симоноска, специјалист за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје-Охрид.
Пецива, пици, тост, хот-дог, сок, чај, млеко, инстант пире со виршли. Ова се само дел од работите кои ги консумираат малите основци.
„Дадено е мислење и на директорката и на оној што ја води кујната. Енергетската вредност не задоволува, во исхраната да се воведе месо, јунешко, телешко, свеж компир, наместо инстант пире, риба, ориз, тестенини односно житарици, пилешко месо, поховано или динствувано и варени јајца. Варени јајца, месо, дали ќе е риба, дали пилешко, телешко тоа не е важно. Важно е виршли да не се даваат. Наместо виршли, да се дава месо.“-рече д-р Симоноска.
Директорката на основното училиште Свети Климент Охридски, вели дека за нив како училиште било најдобро кога си имале сопствени готвачки, но со промените на законската регулатива, оваа работна позиција престанала да постои. Но додава дека тие и натаму инсистираат во исхраната на децата да доминираат овошјето и зеленчукот.
Бидејќи се работи за деца кои се на возраст кога најмногу растат и психички и физички, нутриционистот професор д-р Ангела Василевска вели дека тие треба да внесуваат многу протеини, овошје и зеленчук, но и да бидат физички многу поактивни, да избегнуваат брза храна и газирани пијалоци. Но дали е тоа така и колку навиките на децата за исхрана се здрави и корисни, тоа веројатно најдобро си го знаат нивните родители.
{loadposition content9}