Како ќе функционира градов летово
Нефункционирањето на градскиот совет предизвика дилеми по повеќе прашања кои се од суштинско значење за функционирањето на градов, посебно во летниов период. Охриѓани прашуваат каков режим на сообраќај ќе имаме летово, дали ќе им се продолжи работното време на угостиелските објекти, ќе има ли поставување урбана опрема и така натаму. Решението е во продолжување на мандатот на Советот до одржувањето на локалните избори, во спротивно општините ќе се парализираат.
Охриѓани прашуваат каков режим на сообраќај ќе има ова лето во градов. Бидејќи секоја година со одлука на совет се носи ново сообраќајно решение кое важи во текот на летната сезона, а мандатот на советот заврши уште на 24 март, се јави дилема како ќе биде решено ова прашање. Сообраќајниот режим е многу важен бидејќи во Охрид на лето речиси и да не може да се вози поради големиот метеж кој го создаваат зголемениот број возила со кои доаѓаат туристите. Со летниот режим кој функционираше години наназад дел од улиците во градов целосно се затвораат за сообраќај, а дел имаат сообраќај само во една насока. Со ваквиот режим посебно се регулира сообраќајот во стариот дел на градот каде и е најфреквентно па затоа забраната за сообраќај се однесуваше за временскиот интервал од 20 часот навечер до 05 часот наутро за сите граѓани, додека од 5 часот наутро до 20 часот навечер движењето беше дозволено за жителите од стариот дел на градот кои поседуваат посебни пропусници. Вообичаено летниот режим на сообраќај стартуваше на 1ви јули,а завршуваше заклучно со 31 август.
Дилема кај граѓаните има и околу продолжувањето на работното време на угостителските објекти што е пракса години наназад земајќи го во предвид фактот што Охрид е туристички центар. Угостителите прашуваат како ќе функционираат ова лето бидејќи и измените на работното време се носат со одлука на совет.
Загрижени се и граѓаните кои бараат дозвола за поставување урбана опрема. Велат дека иако имаат поднесено барање за тоа, без одлука на совет не може да им бидат склучени договори.
Проблем ќе имаат и оние концесионери на плажи на кои им истекува договорот бидејќи нема кој да им го продолжи истиот.
Се поставува прашање како ќе функционираат и паркинзите во градов бидејќи во летниот период имавме преименување на зоните а со тоа важеа и други цени .
Најсериозен проблем сепак ќе се јави кога летото ќе заврши па ќе треба да започне школската година. Без одлука на совет не ќе можат да се донесат годишните програми.
Дел од советниците чиј мандат заврши велат дека без функционирање на Советот на една општина таа буквално се парализира.
ТВМ дознава дека сепак има решение за ваквата ситуација. Спасот е во што поскоро формирање на новата Влада. Според најавите на мандатарот Зоран Заев тоа би требало да се случи во среда. После тоа на седница на парламент ќе бидат изгласани измени на Законот за локална самоуправа со што мандатот на советите ќе биде продолжен до одржувањето на локалните избори, а измени ќе претрпи и изборниот законик. После тоа градскиот совет ќе може да одржи седница и да решава по сите прашања кои сега се дилема за граѓаните.