Skip to main content

Каков е импактот на туристите врз охридската економија

Каков е импактот на туристите врз охридската економија. Ова многу често поставувано прашање секој различно си го одговара. За некого туристите трошат многу, за некои пак повеќето од нив само ги користат услугите кои им се предвидени со аранжманот и не трошат ниту денар повеќе. Дилемите ќе се разрешат кога на средината на септември ќе се сумираат резултатите од туристичката сезона и кога точно ќе се знае колу гости дошле, колку ноќевања оствариле и колкав бил ќарот за охридската економија.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Англичани, Холанѓани, Белгијци, Турци, Израелци и од каде уште не ова лето пристигнаа гости во Охрид. Но многу често поставувано прашање е колкав е бенефитот од нив, односно каков е импактот на туристите врз охридската економија. Не е ретко да се слушне дека градот врие од гости, но дека тие се слаби потрошувачи. И навистина, некои гости полесно го отвораат кесето и трошат пари и вон она што им е предвидено во самиот аранжман, а некои пак се поскржави. Според светските анализи, англичаните според нивото на потрошувачка се на прво место, додека пак за холандските туристи владее едно мислење дека не се добри потрошувачи  и дека ги користат исклучиво само услугите кои им се предвидени во пакет аранжманот.

Јас од моето видување не се согласувам со тоа бидејќи можеби не можеме многу да ги видиме по кафичи и дискотеки, по ресторани можат да се видат, а најмногу ги има каде се нудат алтернативни форми на туризам, по селата, јавање на магариња, џип сафари, подготовка на селски ручеци во селски домаќинства, па кружни тури по манастирите заедно со Албанија, Грција и т.н. И сите ќе ви кажат дека од април до октомври додека ги има овие туристи глава не можат да кренат од работа, вели Ѓоко Апостолов -раководителот на ТЛЕР.

Апостолов вели дека кога на крајот од летото ќе се сумираат резултатите, односно ќе се види колку се потрошило, а колку се заработило, сепак  импактот од странските туристи врз економијата во Охрид е позитивен. Можеби најмногу добиваат хотелските капацитети, но секако ќар има и приватното сместување, како и трговците и угостителите во градов.

Не може сите да бидат топ потрошувачи, некои помалку трошат, но самата бројка од над 80 000 ноќевања кои само холандските туристи ги остваруваат во Охрид преставува бенефит за хотелите каде се сместени, а сигурно барем дел од нив ќе потрошат пари и надвор од хотелот, вели Апостолов.

Од ТЛЕР според некои првични сознанија кои ги имаат сметаат дека ова ќе биде доста успешна сезона, но бидејќи сето тоа треба да биде поткрепено со бројки се чека Државниот завод за статистика како и Општинскиот инспекторат да ги обработат податоците па точно да се знае како помина ова лето. До средината на септември треба да се направи пресек за бројот на странски гости, за домашни гости, како и за бројот на остварени ноќевања. Според овие податоци ќе се знае и колку градот заработил во туристичкава сезона која полека одминува.