Skip to main content

Каква судбина ги чека гробните места во кои почиваат заслужни граѓани, а немаат старател?

Фактот дека Охрид нема алеја во која почиваат заслужните граѓани, само дополнително ја усложнува ситуацијата бидејќи оние гробови кои немаат старател доколку не се изнајде некое друго решение, од јавното претпријатие „Градски гробишта“ велат дека сигурно ќе завршат во заедничка гробница.

 |  Мишел Наумоски  | 
aleja grobishta
алеја гробишта

Дали посмртните останки и гробовите на значајните лица кои придонеле за Охрид ќе завршат во заедничка гробница? Недостатокот на гробни места, и немањето средства за нивно одржување е причината поради која ЈП Градски гробишта, гробните места кои немаат старател ќе ги сместува во заедничка гробница.

grobista borciОва прашање деновиве станува актуелно имајќи го предвид фактот дека Охрид, односно во рамките на градските гробишта не постои алеја на заслужни граѓани во која би можеле да се сместат посмртните останки на граѓани заслужни за Охрид. Засега непознато е каква ќе биде судбината со овие гробни места, но доколку не се изнајде соодветно решение, од ЈП „Градски гробишта“ велат дека истите со сигурност ќе бидат сместени во заедничка гробница. Во рамките на градските гробишта единствено постои заедничка гробница на борците од НОБ за чие одржување се грижи ЈП „Градски гробишта“. Повозрасните охриѓани се присетуваат дека на крајот од 20от век, во рамките на градските гробишта како неофицијална алеја на заслужни граѓани се сметала токму парцелата во која се сместени борците од НОБ и гробот на д-р Елена Едингер-Каваева. Во минатото, граѓаните сами си ги купувале гробните места, а властите се грижеле за достојно испраќање на починатите со блех музика.

Од јавното претпријатие „Градски гробишта“ велат дека во моментот немаат предвидено посебен простор за сместување на посмртните останки на заслужни граѓани. Додаваат дека доколку локалната самоуправа донесе таква одлука на Совет, тие во целост ќе ја испочитуваат.

dr KavaevaСпоред директорот на ЈП „Градски гробишта“ Зоран Симоноски, претпријатието не е надлежно да поднесува и покренува иницијативи. Но додава дека таква можност имаат граѓаните која иницијатива би требало да ја достават до локалната самоуправа, за потоа таа да даде зелено светло за истата. Симоноски смета дека проблемот со гробните места на заслужни граѓани кои почиваат на градските гробишта е многу пообемен, односно според него за да може да постои една алеја на заслужни граѓани, не е доволно само да се одреди локација каде тие да бидат сместувани, туку и дека е потребно постоење на посебна комисија како и критериуми според кои би се одредувало кое лице може да се смета за заслужен граѓанин во некоја област.

Меѓу другото, Симоноски додава дека секогаш постои и опцијата, наместо на градските гробишта, спомен обележје со посмртните останки да биде поставено и во рамките на некоја институција  како пример во случајот со д-р Каваева, во рамките на „Маларична“.  Инаку за оние помладите, д-р Елена Едингер-Каваева е една од основоположниците на македонската здравствена заштита во охридско-струшкиот крај. Таа во 1927та година заедно со својот сопруг Владимир го основала првиот детски диспанзер во градов или познатата „Маларична“.

{loadposition content9}