Калфите ќе се вратат во дуќаните се чека новиот закон за занаетчиска дејност
Калфите ќе се вратат во дуќаните се чека новиот закон за занаетчиска дејност.
Очите на занаетчиите се вперени во новиот закон за занаетчиска дејности и негово што поскоро донесување. Новиот закон за занаетчии е во собраниска процедура па се очекува пратениците да дадат зелено светло за негова примена. Враќањето на калфите во дуќаните е една од најголемите придобивки на занаетчиите со новиот закон, вели Сашо Богоески претседател на регионалната комора на занаетчии и еден од иницијаторите за оваа потреба кои ја бараа со години.
„Секој занаетчија ќе може да има право на калфа и ќе може да го чува една година. При тоа ќе има право на паричен надоместок од 15 посто од просечната бруто плата исплатена во минатата година и не смее да биде помал од 15 години. Занаечиската комора ќе мора да организира семинар за ментори за оние занаетчии кои ќе сакаат да имаат калфа. Секој занаетчиски дуќан, трговец поединец или ДООЕЛ ќе треба да има по еден ментор кој ќе го подучува калфата во својот занаетчиски дуќан“, напоменува Богоески.
За престојните новини Комората ќе организира семинари каде што дуќанџиите ќе се стекнуваат со сертификати за ментори. Калфите, пак ќе полагаат пред тричлена комисија составена од занаетчијата каде што го изучувал занаетот, занаетчија од сродната дејност и член од Комората. По полагањето ќе може самостојно да ја обавува занаетчиската дејност, појаснува Богоески. Занаетчиската дозвола е една од неколкуте новини кои се дел од новиот закон за занаетчиска дејност и се воведува за прв пат, вели Богоески.
„Со занаетчиската дозвола е предвидено секој занаетчија и вршител на занаетчиска дејност, т.е трговец поединец и ДООЕЛ фирма со занаетчиска дејност еден од фирмата да е носител на дозволата. Занатчиската дозвола е лиценца за работа и за неа ќе се води посебен регистер за сите занаетчии и кои извадиле занаетчиска дозвола“, појаснува Богоески.
Со измените нема поволности за занаетите кои се дефицитарни и кои се во изумирање. За зачувување на старите занаети било решено Владата етапно да донесува одлуки за нивно зачувување или унапредување. Дефицитарните занаетчии како што се опинчари, крзнари, грнчари, ковачи, изработувачи на рачни сувенири се единствено ослободени од плаќање на членарина во Комората.