Skip to main content

Камерното дуо Бровцин – Волтчок на „Охридско лето“

Продолжуваат квалитетните изненадувања од музичката програма на овогодинешното „Охридско лето.“

 |  Голабовски Крсте  | 
Boris Brovcin
Борис Бровцин

Секоја година виолинистичката елита е еден од најзначајните делови на музичката програма на фестивалот. Синоќа во просторот на катедралната црква Св. Софија еден од најзначајните претставници на руската виолинска школа, Борис Бровцин, како и Анастасија Волтчок, истакнат претставник на големата руска пијанистичка традиција, настапија премиерно на „Охридско лето“. Инаку виолионистот Бровцин, веќе ја има посетено Македонија на покана на маестро Симон Трпчески, каде ја почувствувал силната енергија. И оттогаш негова желба била повторно да настапи. Неговата придружничка пак, пијанистката Анастасија Волтчок, воодушевена од првите впечатоци и убавините на Охрид.

Brovcin i Voltchok„Многу ме радува, што сум тука, доаѓам за прв пат во Макеоднија, многу ми се допаѓа Охрид и многу се радувам што сум дел од фестивалот и од програмата“ вели Волтчок.

Инаку, Бровцин со настапот во Охрид ја завршува годинешната концертна турнеја по настапите во Јужна Америка, додека позната солистка на пијано Волтчок во Охрид допатува од турнејата во САД, а завршниот солистички концерт за оваа сезона ќе го одржи во Црна Гора. Не секогаш овие двајца исклучителни изведувачи имаат можност да настапуваат заедно, па така синоќешниот концерт, беше навистина доживување повеќе за љубителите на сериозната музика.

„Ние не сме толку често заедно, колку што би сакале, зошто понекогаш, одлуки за тоа каде ќе настапуваме донесуваат нашите агенти, но затоа пак ние се трудиме да бидеме заедно и да настапуваме, заедно да го решиме тоа прашање и некако да се договориме“ објаснува Бровцин.

koncertНивниот синоќешен концерт изобилуваше со енергија и техничка прецизност на изведбите, преку изведбата на Шуберт, Бетовен и Франк. А, не изостанаа ни изненадувањата за публиката. Победникот на Интернационалниот натпревар „Тибор Варга“, Борис Бровцин, има настапувано со реномирани светски оркестри и на музички фестивали. Во 2001 година Бровцин беше финалист на виолинскиот натпревар „Queen Elizabeth“ во Белгија, а истата година стана добитник на наградата „Ројтерс“.
Како солист работел со Сер Невил Маринер, Јури Башмет, Герд Албрехт, Марек Јановски, Нееме Јарви, Луи Лангре, Јан Паскал Тортелие, Гилберт Варга, Александар Лазарев, Владимир Федосеев и многу други уметници. Роден во 1977, Бровцин студира на Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“. Во текот на студиите, станува лауреат на неколку интернационални натпревари. Во 2000 година за запишува на Guildhall School of Music and Drama во Лондон, а во 2004 година ја добива највисоката наградата на школата – Златниот медал. Броцвин свири на виолина Jean-Baptiste Vauillaume од 1862 година, која е сопственост на неговото семејство од 1930 година.
Анастасија Волтчок своето оркестарско деби го оствари на осумгодишна возраст под диригентско водство на Владимир Понкин. Волтчок интензивно концертира низ Европа и САД. Неодамна таа настапи како солист со Валери Гергиев и оркестарот Киров при театарот Марински од Санкт Петербург.
Вечерва пак за сите љубители на театарските игри,  во Центарот за култура „Григор Прличев“, Албанскиот театар од Скопје со почеток во 21 часот, во рамките на „Охридско лето“ ќе ја изведе претставата „Питачка опера“ од Вацлав Хавел, во режија на Дино Мустафиќ. Главната улога во оваа претстава ќе ја толкува актерот Џевдет Јашари, а ќе биде одиграна со превод на македонки јазик.

{loadposition content9}