Skip to main content

Преку едрење младите учат како да го чуваат Охридското Езеро

Кампот „Охридски ветрови” има за цел преку спорт, едукација и дружење да ги запознае младите со вештините на едрењето, но и да им всади чувство на одговорност, тимска работа и љубов кон природата.
 |  инфодеск  | 

Учесниците на првиот тренинг камп „Охридски ветрови”  беа на прием кај претседателката Гордана Силјановска-Давкова во вила Билјана во Охрид. Станува збор за еднонеделен тренинг камп наменет за деца, во рамки на кој скијачите учат едрење, додека едриличарите во зимски услови ќе имаат можност да учат скијање, создавајќи единствена спортска синергија меѓу планината и езерото.

Кампот има за цел преку спорт, едукација и дружење да ги запознае младите со вештините на едрењето, но и да им всади чувство на одговорност, тимска работа и љубов кон природата. Посебен акцент е ставен на подигнување на свеста за зачувување на природните богатства, особено водните ресурси, како едни од највредните национални богатства.

Претседателката Силјановска-Давкова, во разговорот со младите, се осврна на значењето на Охридското Езеро и повика на негова поголема заштита, нагласувајќи дека токму младите генерации имаат важна улога во неговото зачувување.

„Мора нешто да направиме. Не е случајно што е под заштита на УНЕСКО. Еве, вие на правилен начин уживате, на правилен начин го користите ветерот, создавате убавина, но и го штитите. Така треба и сите ние да постапуваме”, рече Давкова.

Децата, низ деновите поминати на охридскиот брег, ќе учат да ги следат ветрот и брановите, да носат брзи одлуки во променливи услови, да градат меѓусебна доверба, пријателства и самодоверба, но и да ја разберат важноста на одговорниот однос кон животната средина.


Да ги учат тајните на едрењето, поискусните едриличари се инструктори и ги обучуваат помладите генерации. Организаторите се надеваат дека кампот ќе прерасне во традиција и ќе стане препознатлив пример за поврзување на различни спортови и клубови од земјава.


„Имавме една убава иницијатива заедно со едриличарските клубови да настапиме тука како скијачи и да му кажеме на снегот: ‘Стој, ќе поедриме малку, а потоа ќе им се вратиме на планините'”, изјави Љубомир Петрески од ски-клубот „Диме Флејта”.

Младите воодушевени од  тренинг кампот со нетрпение ги очекуваат и зисмките дружби ан снег.

„Многу е убаво. Лани запознавме многу пријатели од други држави. Имаше убав ветер, но имаше и денови кога немаше ветер, па имавме повеќе дружба. Кога имаше ветер, имаше регати и навистина беше преубаво”, вели Лина Пашовска, едриличарка.

Со овој прием, претседателката испрати силна порака за поддршка на младите спортисти и на напорите на спортските клубови „Акватика Јахтинг” од Охрид, Скијачкиот клуб „Диме Флејта” од Тетово и Едриличарскиот клуб „Нов Ветар” од Скопје, кои преку вакви иницијативи придонесуваат за развој на спортскиот дух, меѓусебната соработка и здравите животни навики кај младите.

Во знак на благодарност за поддршката, учесниците во кампот на претседателката ѝ подарија маица од кампот „Охридски ветрови”, потпишана од сите деца учесници.