Вчера на Светскиот ден на учителот библиотекарите од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ја започнаа промоцијата на библиотечните услуги во основните и средни училишта што ќе се одвива во текот на цел октомври кој е и Месец на книгата.
Првата презентација беше во двете смени меѓу ученици од ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Денеска библиотекарите се во ООУ „Христо Узунов“, а утре – петок во СОСУ „Кирил и Методиј“ Охрид.
Нашата Библиотека располага со богат фонд на белетристика, но и стручна литература од сите области. Претходниот месец набавивме доволен фонд лектирни изданија за основно и средно образование. Па така основците за само 200 денари годишно ќе можат да читаат задолжителни и слободни лектири. Членарината за средношколците и студентите но и останатите возрасни читатели е 300 денари годишно – велат од Градската библиотека.
Библиотеката нуди можност ученици од социјално загрозени семејства да бидат зачленети бесплатно, со потврда од Центарот за социјални работи како доказ дека примаат социјална помош.
Преку посетата на училиштата, основците и средношколците ќе се поттикнат да станат членови на Библиотеката, а за новите книги и сите останати настани во библиотеката освен преку медиумите ќе можат да прочитаат и преку социјалните мрежи.