Skip to main content

Служба за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен Дом Охрид

Кампањата за вакцинација „Од врата до врата“ ќе се спроведе во охридскиот регион

Оперативниот план е подготвен, кампањата стартува во понеделник на 30ти октомври со бесплатно вакцинирање против сезонски грип на жителите на Општина Дебрца. Ќе трае цел месец ноември при што со теренска имунизација ќе бидат опфатени градот Охрид со селата и населбите и Општина Дебрца.
 |  Маја Савиќ  | 

Службата за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен Дом Охрид е вклучена во спроведување на кампањата за имунизација „Од врата до врата“, организирана од Министервото за здравство во соработка со Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје. Кампањата ќе се спроведува во текот на месец ноември и ќе бидат покриени Општините Охрид и Дебрца со селата и населбите.

„ Целта на оваа кампања е да се подигне свеста и разбирањето за важноста на имунизација и придобивките од вакцинација, како на  рутинската имунизација исто така и на вакцините против  сезонски грип.Со давање на услуги на лице место „од врата до врата“ воедно би се зголемил и опфатот на целокупното население со вакцинација.“ – вели Д-р  Соња Мариноска, раководителка на Служба за превенција на деца и младинци од Здравствен дом – Охрид.

Екипа составена од доктор, медицинска сестра и возач  со болничко возило ќе ги посетат во градот и руралните средини во охридскиот регион и Општина Дебрца лицата над 65 годишна возраст и хронично болните кои не можат да дојдат во здравствена установа да примат вакцина против грип. Но кампањата е значајна и поради опфатот на деца кои пропуштиле редовна вакцина.

„ Ќе се посетат и семејствата со деца коишто подолго време не се дојдени на вакцина или не примиле некоја од задолжителните вакцини од различни причини. Ќе ги опфатиме и школските и предшколските деца и  во училиштата ќе поминиме со известувања за значењето на вакцините.“ – посочува д-р Мариноска.

Опфатот на децата со рутинската вакцинација во Охридскиот регион генерално е на задоволително ниво, со исклучок на некои од задолжителните вакцини.

„ Тоа е за ХПВ вакцината за која немаме добар просек. Тоа е вакцината против рак на грлото на матката каде навистина бележиме еден низок процент на вакцинирање. И токму тука ќе ставиме акцент на информирање за значењето на оваа вакцина и повикување на девојчињата на вакцинација, односно до родителите за да ги донесат без грижа девојчињата на вакцина.“ – вели д-р Мариноска.

Оперативниот план е подготвен, кампањата стартува во понеделник на 30ти октомви со бесплатно вакцинирање против сезонски грип на жителите на Општина Дебрца кои се постари од 65 години и хронично болните лица од врата до врата и во просториите на училиштата во Велмеј, Белчишта, Мешеишта и Требеништа. Исто така учениците кои не се редовно вакцинирани според календарот за имунизација, ќе можат да се вакцинираат истиот ден во присуство на нивните родители во просториите на училиштето, со приложување здравствена книшка и картон за имунизација. Во текот на кампањата населението на град Охрид и руралните средини од регионот ќе биде предходно информирано за датумот и времето на посетата на теренската медицинска екипа.