Дождовите доаѓаат, а каналите и речните корита плачат за чистење
Натрупани со земја, чакал, пластична амбалажа и друг вид отпад, обвиени со бујна вегетација, ваква е сликата на каналите и речните корита во градов. Граѓаните бараат Локалната што поскоро да ги исчисти како не би дошло до појава на поплави на некои критични места.Од таму објаснуваат дека Акциониот план за чистење на речните корита во општина Охид одамна е завршен и дека истиот треба во целост да се спроведе пред интензивните врнежи од дожд и снег кои претстојат.
Од вчера и официјално започна есента, а со тоа доаѓаат и обилните есенски дождови. Граѓаните сугерираат Локалната што поскоро да ги исчисти каналите и речните корита како не би дошло до појава на поплави на некои критични места во градот. Моменталната состојба на каналите и реките е на незавидно ниво. Натрупана земја, чакал, пластична амбалажа и друг вид отпад може да се види во оние кои не се обраснати со бујна вегетација. Од Локалната тврдат дека каналите и речните корита не се во толку лоша состојба.
Според она што лани нашите екипи го сработија каналите не се во толку незавидна состојба. ЈП Комуналец минатата година ги исчисти но според акциониот план и оваа година ќе се чистат, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.
Од локалната велат дека Акциониот план за чистење на речните корита во општина Охид одамна е завршен и дека истиот треба во целост да се спроведе пред интензивните врнежи од дожд и снег кои претстојат. Од таму признаваат дека вчера добиле допис и од Министерството за животна средина и просторно планирање, поточно од Секторот за води во кој се бара општината во наредните неколку денови да изврши инспекциски надзор над состојбата на каналите и реките.
Таму каде што ќе има потреба во текот на октомври и ноември ќе бидат исчистени сите корита кои се влеваат во Охридското езеро. Јавноста знае дека секогаш се попроблематични коритото на реката Грашница и каналот кој води од Алтанин мост преку булевар Туристичка до Охридското езеро, вели Џамтоски.
Локациите каде треба најбрзо да се интервенира се реката Даљан, Коселска, реката Вапила, Летничка Река, поројот кај Рача, Скребатска Река, реката Черава и чистење на дивите депонии кои што се на овие места. Ќе се пристапи и кон чистење на сите оние места кои претставуваат тесни грла на речните корита и мостовите, кадешто има големи наноси, како и локации по речните корта кои се злоупотребуваат како диви депонии. Само за потсетување, во општинава последните големи поплави кога се излеаа водите од повеќе реки и канали се случија пред четири години кога оштетени беа 160 семејства.
{loadposition content9}