Канцеларија за заштита на потрошувачите во Охрид
Денеска беа промовирани активностите на локалниот Совет за заштита на потрошувачи и Канцеларијата за заштита на потрошувачите во Општина Охрид. Канцеларијата ќе обезбедува помош, едукација и советување на граѓаните. Истата ќе дава и консултантска поддршка на Локалниот совет на потрошувачи и следење на состојбите на локалниот пазар од интерес на потрошувачите и информирање за истите, кажа денеска на прес конференција претседателот на Локалниот советот за заштита на потрошувачи, Вангел Спироски.
Ги повикувам потрошувачите доколку имаат некој проблем, потреба од информации за заштита на потрошувачи да се обратат до оваа канцеларија, за да дознаат каде да се обратат, во која институција за да ги остварат нивните права како потрошувачи – истакна Спироски.
Отворањето на канцеларијата е дел од првата двегодишна програма за работа на Советот за заштита на потрошувачи во рамки на локалната самоуправа. Во Програмата 2022-2023 година предвидени се низа активности чија основна цел е подобрување на состојбата со правата на граѓаните како потрошувачи.
Ќе се спроведува едукација на граѓаните при купување на топлотни пумпи, инвертер клими, за читање на декларации на прехрамбени производи, како и едукација и на децата како потрошувачи од општинските основни училиште во рамки на предметот Вештини на живеење. Во тек е реализирање на иницијатива за формирање на сектор за грижа за корисници што е предвидено со новиот Закон за заштита на потрошувачи и претставува обврска која мора да ја исполнат јавните претпријатија.
Мислам дека е во тек реализирање на овие сектори кадешто граѓаните ќе можат да поднесат приговор во врска со услугите кои ги добиваат од јавните претпријатија. Значи имаме одлична соработка со ЈП по однос на ова прашање. Ќе може да се поднесе електронска поплака, да се добие електронски одговор, ќе може на нивните веб страни да се добијат информации за тоа каде да се обратат, ќе има одговорно лице за контактирање со потрошувачите во секое време – кажа Спироски.
Локалната власт директно придонесува во унапредувањето на заштитата на потрошувачите. Зајакнувањето на позицијата на граѓаните како потрошувачи, заштита на нивната сигурност и економски интереси, претставуваат клучни цели во програмата, истакна советникот Перчо Божиновски.
Да се подобри заштитата на потрошувачите во Општина Охрид не е само прашање за унапредување на нивните права туку тоа претпоставува и изградба на такво опкружување што помага потрошувачите да ги користат своите права, да имаат пристап до информации и советување, да ги препознаат основните стандарди за безбедност на производите и нечесните практики на пазарот – вели Божиновски.
Канцеларијата за заштита на потрошувачите е отворена за гра аните два пати неделно, во деновите вторник и четврток, во периодот од 10 до 14 часот.