Кандидатите за пратеници од ВМРО ДПМНЕ побараа поддршка за Иванов
Според нив, досегашниот претседател Иванов има дадено огромен придонес во подобрување на економската состојба во земјата, образованието, зачувувањето на идентитетот и традицијата на Македонија, дипломатијата.
Кандидатите за пратеници од редовите на ВМРО ДПМНЕ, денешната прес конференција ја посветија на кандидатот за претседател од нивните редови, Ѓорѓе Иванов.
Тие од граѓаните побараа во недела масовно да излезат и да го поддржат Иванов, бидејќи тој според нив е најдобриот претседател кој Република Македонија некогаш го имала. Кандидатот за пратеник, Александар Николоски вели дека само со масовна излезност ќе може да ги спречат сценаријата на бојкот на претседателските избори кои според нив ги заговара најголемата албанска политичка партија ДУИ. Николоски смета дека отчетот на досега сработеното на досегашниот претседател е доволна причина за граѓаните повторно да му ја дадат довербата на Иванов. Тој потенцираше дека Иванов секогаш бил човек од народот, човек кој се залага за подобрување и модернизација на образованието, но и човек кој сериозно допринесувал во поддршката на бројни манифестации од областа на културата. Николоски ги спомена покровителствата на фестивалите Охридско лето и Браќа Манаки, поддршката во спортот преку редовното покровителство на Охридскиот пливачки маратон. Според Николоски, отчетот во кој се наведени сите овие достигнувања, како и програмата за наредните 5 години се доволна причина за Иванов да добие поддршка од граѓаните за втор мандат.
„Претседателот Иванов во наредните пет години ветува нова програма, дека државата ќе е пред се. Економскиот раст ќе остане негов приоритет, отворањето на нови работни места. Привлекување на повеќе странски инвестиции во следниот период, унапредување на земјоделството и производство на брендирана органска храна. Инвестиции во инфраструктурата, владеење на правото, во образованието партнерство помеѓу државата и универзитетите, чување на традицијата, проекти за функционално претседателство, продолжување на проектот за народни кујни, продолжување на проектот за школата за млади лидери која прв пат се организираше под покровителство на овој претседател. Зачувување на македонските национални интереси, добрососедските односи, државно единство и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО со јасна политика по однос на името.“-вели кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски.
{loadposition content9}