Кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ презентираа дел од програмата за младите
Велат дека во новата програма која партијата ја изработила за наредниот период, главен акцент во политиките, ставиле на оваа популација. Кандидатот за пратеник, Александар Николоски вели дека оваа програма е изработена на тој начин за да може да ја искористи енергијата и креативноста на младите.
Кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, денес презентираа дел од програмата за наредниот период кој се однесува на младата популација. Кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, рече дека програмата за 2014-2018та година која се однесува токму на младите е доста обемна и содржајна. Тој наброја и појасни дел од нив. Посебно се задржа на мерките за обезбедување на станови и куќи за млади брачни двојки, програмите за талентирани млади, подршка на земјоделски бизниси на младите земјоделци, поддршка за прво вработување како и акциските планови за миграции на младите и семејните политики.
Што се однесува на делот од образованието, Николоски ги потенцираше деловите од програмата кои се однесуваат на волонтирање на младите во јавни институции во летните месеци, отворање на спортските академии, во градовите, вклучително и во нашиот град, како и поддршката за млади уметници, музичари, стипендии за млади спортисти. Посебен акцент во делот од програмата кој се однесува на младите, Николоски стави на предвидените мерки за вработување на младите лица.
„Со закон кој што го донесовме во Република Македонија, пред два месеци, предвидовме ослободување од плаќање на придонеси за социјално осигурување за работодавците кои ќе вработат лица до 29 години во рок од една година со обврска да ги задржат вработените уште една година. Оваа мерка веќе дава резултати и над 1000 млади лица веќе се вработени во овие два месеци со помош на оваа мерка. Понатака како што споменав програмата за самовработување со кредитирање на млади лица на возраст до 29 години кои сакаат да се самовработат, се обезбедува можност за подигање на кредит од 7000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци со каматна стапка од само 1 процент.“-вели кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
На прес конференцијата на општинскиот комитет на партијата пак, Сашо Донев потсети на како што рече недомаќинското работење на СДСМ. Според Донев токму во периодот кога Томислав Тунтев бил заменик градоначалник се случиле најголемите долгови на Охрид.
Тој ги потенцираше трошоците кои биле правени во ЈП Нискоградба, во овој период особено за репрезентации, мобилни телефони и гориво со што според него резултирало со вкупен долг на претпријатието од 71.777.144 денари.
„После ваков принцип на овозможување на ова претпријатие за таложење на долговите кои сега треба да ги плаќаат Охриѓани, се прашуваме каква ли ќе биде политиката на Томислав Тунтев и СДСМ кон државата. Каква ли ќе биде заложбата на СДСМ и Томислав Тунтев кога како заменик градоначалник овозможил или барем во најмала рака не го спречил претпријатието од финансиски колапс. Кога наместо потрошени средства за огромни репрезентации на претпријатието можеле да се асфалтираат улици, да се задоволат инфраструктурните потреби на граѓаните. СДСМ и нивниот кандидати за пратеници покажаа и докажаа дека нивната политика во Охрид е погубна. Во пресрет на престојните претседателски и парламентарни избори сигурни сме дека Охриѓани ќе ја одберат страната на домаќинското работење, страната на ВМРО ДПМНЕ.“-рече Сашо Донев од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
{loadposition content9}