Skip to main content

Кандидатите за градоначалници на Охрид и Вевчани потпишаа Кодекс за фер и демократски локални избори

Изборната кампања за првиот круг на гласање започнува во понеделник, 29 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 17 октомври. Првиот круг од изборите ќе се одржи во недела, 19 октомври.
 |  инфодеск  |  ,

Кандидатите за градоначалници на општините Охрид и Вевчани денес го потпишаа Кодексот за фер и демократски локални избори 2025 година.

На потпишувањето на Кодексот во големата сала на Општина Охрид присуствуваа четворицата кандидати, актуелниот градоначалникот Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција, Асен Шајн од СДСМ и Коалиција, Гоце Цветкоски како независен кандидат и Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија.

-Ги повикувам сите политички субјекти и другите кандидати да се придржуваат до овој кодекс и да покажеме дека можеме да имаме зрела политичка култура, каде што изборот на граѓаните се почитува без притисоци. Искрено се надевам дека сите учесници во овие избори ќе го задржат достоинството и комуникацијата ќе биде на високо ниво, поучени од минатото дека ниското ниво на комуникација не резултира со никаков позитивен исход, изјави Пецаков.

-Денеска го потпишав Кодексот за фер и демократски избори. Со тоа ја потврдувам мојата заложба за чиста, достоинствена и чесна изборна кампања во која во центар ќе бидат идеите и визијата за подобар Охрид. Верувам дека граѓаните заслужуваат кампања без навреди, притисоци и манипулации, кампања во која ќе се соочат проекти и решенија врз основа на кои граѓаните слободоумно ќе ја изразат својата волја.Верувам дека фер изборите се темел на демократијата и предуслов за подобра иднина за нашата општина, рече Шајн.

Во Општина Вевчани, Кодексот за фер и демократски локални избори го потпишаа актуелниот градоначалник Спасе Кочовски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција и Стефан Радиноски од СДСМ и Коалиција, и Господин Попоски од Работничка партија. Сите очекуваат фер и демократска изборна кампања и фер и демократски избори.

Според роковникот објавен од Државната изборна комисија во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.

Изборната кампања за првиот круг на гласање започнува на 29 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 17 октомври. Првиот круг од изборите ќе се одржи во недела, 19 октомври.