Кaндидатите за советници и градоначаник од Коалицијата Сојуз за иднината ја промовираа изборната Програма
Коалицијата Сојуз за иднината ја претстави изборната програма и кандидатите од листата за советници.
Коалицијата Сојуз за иднината ја претстави изборната програма и кандидатите од листата за советници. Пред присутните во Центарот за култура, прв се обрати Дејан Блажески од ЛДП кој ги повика младите да го поддржат кандидатот за градоначалник Александар Петрески за трет мандат. Тој е градоначалник кој вработил голем број млади и ја покажал грижата кон нив, рече Блажески.
„ Не смееме да сме заложници на централната власт. Овие локални избори се референдум за добивање на нова власт. Охрид да биде еднакво третиран како сите градови кои имаат градоначалници од Вмро Дпмне“.
Професорката Жаклина Лазареска ги престави приоритетите во образованието во идниот мандат. Потсети на многу реализирани проекти во оваа област на Локално ниво предводени од градоначалникот Петрески. Лазареска се осврна и на изминатите 7 години, и како што рече, Вмро Дпмне го уништи образованието и го претвора во експериментална лабараторија, водени од партиски и популистички интереси.
„ Наместо да водат грижа за елементарните потреби на учениците тие парите ги фрлаат во забегани нивни реформи, од типот компјутер за секое дете, електронски дневници, екстерно оценувања, интегрална инспекција, а јас би рекла постојана пресија врз учениците и наставниот кадар“ .
На конвенцијата се обрати кандидатот за советник од ВМРО НП, Јоне Станкоски кој за Сојузот за иднината кажа дека е одраз на политичко созревање и реално сфаќање на времето во кое живееме. Станкоски изнесе забелешки дека актуелната власт не бира средства да ги придобие гласовите на граѓаните, но ги презентира и проектите за кои ќе се заложи коалицијата доколку ја добие довербата на граѓаните.
„ Во рамките на нашите можности, ќе продолжиме да помагаме на сите спортски клубови, здруженија на граѓани, невладини организации, играорни друштва. Ќе продолжиме со изградба на детски и спортски игралишта во секое населено место во Охрид, во секое маало, како што тоа го правевме досега. Ќе продолжиме со поддршка на основниот и училишниот спорт, преку организирање спортски училишни лиги помеѓу сите основни и средни училишта. Ќе продолжиме и понатаму да ги стипендираме најдобрите спортисти. Во наредниот период, ќе ги реновираме фудбалските терени во Косел, Вапила, во Долно Лакочереј, Љубаништа“.
Пред присутните се обрати и кандидатот за советник Томислав Тунтев. Тунтев рече дека за дела не се зборува туку делата треба да зборуваат сами за себе и за тој што ги остварил, а во Охрид се гледа кој што остврил. Во Охрид во изминативе 8 години делата ги создаваше Локалната самоуправа инвестирајќи во инфраструктура и конкретни проекти од интерес на граѓаните, за разлика од проектот „ Скопје 2014“. Посочи дека со 500 милиони евра инвестирани во Скопје 2014 можеле да се изградат 500 километри автопатишта кој можеа да ја поврзат целата држава.
„ Нема економски просперитет, без модерна и современа патна мрежа. Како ќе доаѓаат туристите со автомобили и автобуси од соседните држави? Како ќе се транспортираат стоките со камиони? Па, било кој патен правец да се погледне, до пред 7 години до Охрид можеше да се стигне многу побрзо и побезбедно. Од каде и да доаѓате кон Охрид, нема да најдете ни 100 метри без дупка, закрпа, камен, одрон. Охрид денес е слепо црево на транспортната инфраструктурна мрежа. Ниеден километар автопат, а за железница и за езерски сообраќај и да не зборуваме“.
Носителот на листата за советници проф. Д-р Јован Стојаноски повика на единство, насочувајќи ја тупаницата од изборните плакати против најголемиот непријател на народот, долгогодишната транзиција која не уништува.
„ Транзицијата ќе ја победиме само со работа, труд и залагање, рече Стојаноски. Најави проекти за развој не само во областа на туризмот, туку и во економијата во градот и околина“.
Свое обраќање имаше и кандидатот за трет мандат Александар Петрески. Тој упати критики до актуелната власт за неисполнетите ветувања. Ветија повисок стандард, а Македонија ја направија светски првак во мизерија. Сакаат да владеат со РМ со лаги, црното да го направат бело и обратно, но така не се владее. Тој покрај бројните обвинувања упатени на адреса на актуелната власт која според него го кочела развојот на Охрид, на охриѓани им вети низа локални развојни проекти.
„Во наредните 4 години, со поддршка на новата Влада на Сојузот за иднината, ќе ги реализираме следните капитални инвестиции: Гасификација на јавни, стопански објекти и домаќинства, Изградба на водоснабдителен систем – „Свинишки извори“ и производство на електрична енергија, Изградба на пречистителни станици и конечно решавање на проблемот со одпадните води во Трпејца и Љубаништа , Изградба на пет нови кружни крстосници на “Булевар Туристичка“ и изградба на два надземни пешачки премини, Изградба на четири катни гаражи во централното градско подрачје, Изградба на современ пазар со подземни паркинг места и други пропратни содржини, Изградба на современ затворен пливачки базен во рамки на СРЦ “Билјанини Извори“, Изградба на пет нови училишни спортски сали“.
24-ти Март ќе биде најголем пораз на Груевски, порача Петрески. Тој потсети дека и покрај опструкциите од власта во изминатите 8 години Локалнатa самоуправа реализира бројни инфраструктурни проекти. Најави дека во престојните 4 години ќе продолжи со реализација на реални проекти, кои ќе го подобрат живеењето во Охрид и околните населби.
{loadposition content9}