Каневчев: Во Македонија ќе го вратиме сјајот на Охрид
Во Охрид кон крајот на 90 тите години многу било направено на културен, архитектонски и економски план, но никаде граѓаните не гледале сечење на ленти, реклами по медиуми и ветувања.
Охрид беше град-центар каде секојдневно се случуваа разни настани, преку цела година а угостителството работеше со полна пареа, кажа на денешната прес конференција кандидат за пратеник од Коалицијата ВМРО за Македонија, Владимир Каневчев. Тој запраша, каде е сето тоа денес и што се случи со сјајот на Охрид.
За сите тековни работи кои се обврска на локалната самоуправа се сечат ленти. Промената на старите улични со лед-светилки кои буквално го затемнаа градот во вечерните и ноќните часови, нестручно изградените кружни текови, плоштадот кај Мини Маркет кој стално е под вода поради излевање од фонтаната и други такви и слични изведби за кои се потрошени огромни суми на пари, далеку од нивната вистинска вредност, се прикажуваат како најголемите инвестиции за градот, но за тоа воопшто не сакам ни да зборувам сега. Од вистинските инвестиции кои беа најавувани на минатите локални избори останаа само видео-анимациите, а прашање е дали и тие се веќе избришани. За масовното иселување на младите, па и повозрасните од Македонија, можам само да потврдам дека Охрид е рекордер во однос на другите градови, а зошто е тоа така? На тоа прашање нека одговорат носителот на 5-тата изборна единица и кандидатите за пратеници од Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ДПМНЕ. Јас сум уверен дека со доаѓањето на Власт на оваа Коалицијата, новата централна власт, а особено и новата локална власт која идната година ќе биде од нашите редови, за многу краток период ќе го вратиме сјајот на Охрид, но без никакви претходни ветувања, исто како некогаш, но и подобро, а резултатите граѓаните ќе ги гледаат и чувствуваат секојдневно кога ќе излезат од своите домови. Заокружувајќи го бројот 9, ќе ја заокружиме иднината и сјајот на Охрид, – изјави Владимир Каневчев од Коалицијата ВМРО За Македонија.