Карали: Извршните постапки ги збунуваат граѓаните
Извршните дела при кои се наплаќаат долгови кон Јавните претпријатија, телефонските оператори, ЕВН, најчесто ги збунуваат граѓаните. Често граѓаните на суд докажуваат дека платиле обврска за која имаат извршна постапка.
Извршителите дури и кога по грешка наплатиле долг, должникот за да докаже дека е во право, повторно е изложен на судски трошоци. Не ретко се случува граѓаните на Охрид да укажаат на ваква појава. Адвокатот Александар Карали појаснува дека во текот на извршната постапка граѓаните се соочени со неколку ситуации кои ги збунуваат.
Најчесто тоа се случува во извршните дела на доверителите од ЈП, телефонските оператори, ЕВН, при поднесување на извршување кон должникот, должникот ја палтил својата обврска, но тоа го направил по утужувањето, додава Карали. Карали потенцира дека кога станува збор за целосно платен долг од страна на должникот, а извршителот по некоја случајност или грешка повторно му зел средства се поднесува приговор до претседателот на судот, се бара да се укине налогот на извршителот бидејќи еднаш е платено и доколку претседателот го прифати тој приговор носи решение за укинување на налогот и тогаш отпаѓа основот за извршување
„Во однос на трошоците, се знае Законот е јасен, оној што тужи секогаш ги аванскира трошоците, вклучувајќи ги судските такси, адвокатските трошоци и сл, ги авансира а кога ќе го добие спорот, според успехот на спорот, оној кој што успеал му се враќаат назад сите трошоци од оној што го изгубил спорот. Тоа се процедурите, можностите и начините, еден должник како да си ги поврати парите кои двојно му биле наплатени по некоја грешка“
На почетокот на 2017 година односно на 1 јануари почна примената на новиот Закон за извршување. Овој закон е во корист на должниците вели Карали, бидејќи на граѓаните им се овозможува со нов начин на вонсудска наплата да го платат долгот без поголеми трошоци.
„Со текот на годините од кога беше востановена институцијата извршител се утврди дека граѓаните имаат голем товар во поглед на плаќањето на сметките, зголемени со трошоци од извршители и сл. Сега најверојатно законодавецот одлучил да се излезе во пресрет на граѓаните за да се намалат тие трошоци има во законот донесено некои нови решенија меѓу кои едно од подобрите решенија за должниците, е тоа што пред да биде поднесено извршувањето, извршителот треба со поднесок да го опомене односно извести должникот дека има втасана обврска за исплата и дека му следи извршување и му дава одреден рок во кој што треба доброволно да ја плати“
Досега за неплатена сметка од 3.000 денари, сумата која требаше да ја плати должникот некогаш можеше да достигне и до 16.000 денари, од кои за камати и судски такси одеа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари. Според статистиките, извршителите во Македонија во првите девет месеци од 2016 година примиле 134.740 барања за извршување, реализирале 38.266, а вкупниот износ на наплата од извршување бил 75.715.471 евра, што е 2 милиони евра помалку од минатата година.