Кардиолошки центар Охрид воведе нов метод за третман на периферна артериска болест, за прв пат во Македонија
ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – „Св. Стефан“ Охрид, воведе нова метода во третманот на периферна артериска болест со користење на системот Jetstream Atherectomy. Денеска во болницата во Охрид, за прв пат во Македонија, беа изведени зафати кај тројца пациенти со новата метода – механичка ротациона атеректомија.

–Во рок од два месеци во нашата установа се воведе уште една нова процедура директна артериска тромб атеректомија ротациона на крвни садови, изразито калцифицирани, затоа штонашите пациенти се генерално со изразито калцифицирани периферни артериски крвни садови. Ова е метода којашто за прв пат се воведува во Македонија и евеза прв пат во нашата установа. Денес имавме три пациенти, а во план ни е оваа процедура и понатака да продолжи и да ја воведеме како постојана, со цел унапредување и лекување на периферната артериска болест во Македонија и во нашата болница, вели кардиологот, д-р Дејан Манчески.
За воведување на новата процедура, од големо значење е соработката на Кардиолошкиот центар во Охрид со Клиничкиот центар во Белград и Доц. д-р Владимир Цветиќ, интервентен кардиолог кој денеска учествуваше во изведување на зафатите.
„Доктор Манчевски и јас веќе сме работеле заедно порано и навистина ми е задоволство и чест што сум тука по повод убава прилика да воведеме една нова процедура, модерна процедура која всушност не се изведува во сите европски центри, така што моето задоволство е уште поголемо. Денес ќе имаме три пациенти, што е сосема доволно за оваа процедура да се воведе во стандардната клиничка пракса тука во болницата во Охрид и се радувам на подобрувањето на вашите пациенти и дека оваа процедура ќе заживее и дека ќе продолжите и понатаму во уште поголем број да ја изведувате.“ – кажа д-р Цветиќ.
Воведувањето на оваа процедура ќе значи натамошно унапредување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите со периферна артериска болест истакна директорката на охридскиот Кардиолошки центар д-р Билјана Теговска и додаде дека болницата продолжува посветено да работи на подигнување на квалитетот и бројот на процедури за што како признание ја добива поддршката од Фондот за здравствено осигурување.

-Со ова се зголеми квалитетот на здравствените услуги кои што ги добиваат пациентите кај нас, а пред се мислиме на пациентите со периферна артериска болест, кај кои што се подобрува квалитетот на живот, се минимизира потребата од хируршките интервенции и се спречува инвалидитетот. Голема благодарност упатуваме до Фондот за здравствено осигурување на Македонија и директорот Сашо Клековски, на чиешто разбирање наидовме и за 2026 година ни се одобрени воведување на пет нови процедури со четириесет интервенции, за што ни е одобрен буџет од шест милиони денари за набавка на скапиот потрошен материјал за воведување на овие интервенции, изјави д-р Теговска.
Оваа година новата метода ќе биде изведена кај седум пациенти, но бројот ќе се зголемува со оглед на тоа што охридскиот Кардиолошки центар е лидер во третман на периферна артериска болест и тука доаѓаат пациенти од целата држава.


