Кардиолошки центар Охрид го одбележува Светскиот ден на срцето
ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид го одбележува Светскиот ден на срцето под мотото „Користи го срцето! – Познавај го срцето!“
„Годинашното мото на Светскиот ден на срцето, кој се одбележува денес на сите континенти во светот, а во организација на Светската федерација за срце, бројни стручни здравствени здруженија, медицински установи и невладини организации не потсетува дека срцето треба да си го сакаме и да го познаваме- Затоа што го сакаме и чуваме само она што го знаеме! Затоа што кога знаеме повеќе ние можеме подобро да се грижиме!“ – велат од Кардиолошкиот центар Охрид.
ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид е една од првите здравствени установи во земјава која се придружи кон одбележувањето на овој ден, затоа што здравјето на срцата на илјадници луѓе е нивна секојдневна грижа.
„При секоја средба со нашите пациенти со секој даден совет ние ја подигаме свеста за важноста на кардиоваскуларното здравје. Идејата е на овој ден со пораките да допреме до што поголем број на луѓе , вкучително и оние кои досега немале здравствени проблеми, за важноста од константна грижа за здравјето на срцето преку негување на здрави навики на живот и елиминирање на сите ризик фактори кои можат да бидат корегирани.“ – порачуваат од болницата.
Во соработка со својот проверен партнер за вакви активности, реномираната фармацевтска компанија АЛКАЛОИД, годинава Светскиот ден на срцето Кардиолошкиот Центар го одбележува во рамките на своите секојдневни активности со амбулантските и болнички пациенти, како и пациентите на рехабилитација.