Skip to main content

Во тек е монтирање на новиот ангиограф

Кардиолошки центар Св. Стефан се реновира и опремува

Со реновирање на одделите се подобруваат условите и квалитетот на здравствените услуги во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања. Во тек е и монтирање на новиот ангиограф добиен преку Министерството за здравство. На 29-ти септември, Светскиот ден на срцето болницата ќе одбележи 40-годишен јубилеј.
 |  Маја Савиќ  | 
Кардиолошки завод

Во ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид во тек е монтирање на новиот ангиограф добиен преку Министерството за здравство како замена на стариот кој е вон функција. 

Оваа установа е една од 4-те во државава која има ваков апарат кадешто над 2000 пациенти годишно од југозападниот регион како и од Ресен и Битола добиваат дијагностички и интервентни процедури. Новиот ангиограф ќе значи подобрување на квалитетот услуги во одделот за Интервентна кардиологија и намалување на листата на чекање.

Кардиолошки завод

Болницата периодов ги подобрува условите за пациентите преку реновирање на одделите со помош на општествено одговорни поединци и компании, информираше директорката д-р Елена Коваческа – Башуроска. Преку донации променета е дограмата на поголем дел од објектот, во одделот за рехабилитација, болничкиот и амбулантно поликлиничкиот оддел, а делумно е реновирано и едно крило во одделот за рехабилитација.

За нас посебно важна инвестиција е последната, која се однесува на одделот за интензивно лекување и салата за интервентна кардиологија. Имено, во тек на последниве два месеца беше комплетно променет електростатскиот под, сменета електричната инсталација и реновирани тоалетите во овој простор кој претставува срцето на нашата дејност, каде секојдневно се водат битки за нечиј живот – истакна на денешната прес-конференција д-р Коваческа-Башуроска.

Кардиолошки завод

Оваа година болницата одбележува значаен јубилеј, 40 години постоење и растеж. Одбележувањето ќе се одржи на 29-ти септември – Светскиот ден на срцето, во Катедралната црква Света Софија.

Тоа е можност да направиме ретроспектива од почетоците до денес со осврт на тоа каде се наоѓаме ДЕНЕС во кардиологијата во рамки на нашата држава. Да напоменам дека овој Јубилеј е значаен не само за нас како Институција, туку и за градот Охрид и за целиот регион. Свесни за тоа, сите заедно скромно ќе го обележиме овој ден. Морам да нагласам дека за организирање на овој настан нема да биде потрошен ниту еден денар од здравствениот буџет – вели д-р Коваческа-Башуроска.

Директорката Коваческа – Башуроска на денешната прес конференција изрази јавна благодарност кон сите донатори за нивната хуманост, одговорност и грижа за здравствениот систем.

Кардиолошки завод

Проектите на болницата ги помогнале: Трим и Лум-Струга, Кармен Бауцентар-Охрид, Инекс Олгица-Охрид, Сара мебел с.Горенци-Дебрца, Хотел Лаки-Охрид, Биотек-Скопје, Крка фарма-Скопје, ПН Метал-Охрид, заштитното друштво Отпад-Охрид, АД Илинден-Струга, Класик компани-Охрид и Набизи-Струга.