Срцевите заболувања се почести и кај младата генерација
Овој тип на заболувања некогаш се сметаа за старечки болести, но според експертите, брзиот начин на живот, физичката неактивност и лошата исхрана полека го менуваат тој факт.
Некогаш познати како старечки болести, кардиоваскуларните заболувања за жал се почесто ги напаѓаат и младите. Како и кај секое друго заболување, и кардиоваскуларните болести може да се превенираат или да се оддолжат нивните штетни последици. Според експертите од ова поле, денес населението живее во постојан страв од кардиоваскуларните болести затоа што за нив се почесто се слуша и по медиумите, но и технологијата која сега се користи е толку напредна што може да ги забележи и најмалите промени. Како фактор број еден за се позачестеното појавување на кардиоваскуларните болести кај младата генерација, според специјалистот кардиолог д-р Светослав Маџаров е брзото темпо на живеење.
„Најважна работа е што би рекол е многу изменет начинот на живот, посебно кај младата популација, со сите проблеми, позитивни и негативни работи што ги носи денешницата, а посебно нездравиот начин на живот, седењето касно навечер, дружењето со компјутерите наместо со природата и со спортот и сето тоа покрај другите ризични фактори што ни се познати како хипертензијата, стресот, дијабетот, неправилната исхрана и генетските фактори. Сето тоа како еден конгломерат на негативни фактори влијае на популацијата, која се почесто и почесто е засегната во помладите старосни групи.“-вели специјалистот кардиолог, д-р Светослав Маџаров.
Според д-р Маџаров, превентивата е најдобриот начин за борба против кардиоваскуларните заболувања. Покрај здравиот живот, тој вели дека е добро да се прават и повремени проверки на општата здравствена состојба.
Стрест тестови, ехо-кардиографски испитувања, и други анализи, а не само испитување на холестеролот и триглицеридите. Во насока на превенцијата од кардиоваскуларните заболувања, свои активности има и Црвениот крст од Охрид.
„Планираме и еден настан кој што би требало да е со почеток во 10 часот, тргнување пеш, со велосипед или ролери, каде што учество ќе земат и помладите генерации. Поканети се сите спортски клубови и институции во нашиот град. Ќе пешачиме и возиме од Горица 1ва до Центарот за обука на вода каде ќе има медицинска екипа која ќе мери крвен притисок, но ќе има и инструктор кој заеднички ќе ни покаже како да ги правиме оние секојдневни вежби кои би ни помогнале за наше нормално живеење.“-рече Анета Јовановска од Црвениот крст од Охрид.
Инаку активностите на Црвениот крст се по повод неделата за борба против срцево-садовите заболувања, а покрај нивните активности, во наредниот период во сите училишта на класните часови, класните раководители ќе разговараат токму на оваа тема.
{loadposition content9}