Skip to main content

Игри на среќа

Казина и обложувалници на најмалку 500 метри оддалеченост од училиштата

Да нема обложувалници и казина на 500 метри од училиштата. Ова е една од измените на Законот за игри на среќа кои поминаа на влада и ќе одат со европско знаменце на усвојување во парламентот.
 |  инфодеск  | 
Казино

Уплатно-исплатните места, во кои се приредуваат игри на среќа, да бидат на поголема оддалеченост од 500 метри од основни и средни училишта, стои во предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри кои ги прифати Владата на предлог на Министерството за финансии.

Со цел заштита на младата популација, со измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум – се вели во соопштението од владината прес-служба.

Исто така, меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. А се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

Законските измени сега одат на усвојување во Собранието по скратена постапка.

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа со реакција дека Владата со вчерашната одлука го отпочнала процесот на затворање на игрите на среќа во Македонија. Владата, по скратена постапка ќе им ја укине работата на 10 000 луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра на годишно ниво во услови на невидена економска криза, велат од Асоцијацијата.

Според нив дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа е многу тешко изводливо на терен. Неможноста да се испочитува законот, според нив, ќе значи затворање на 100% законски бизнис што пак автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци, додаваат од Асоцијацијата.