Казни и контроли за неодговорните сопственици на кучиња
Состојбата со кучињата скитници низ нашите улици и охридските села е резултат на неодговорно сопствеништво и неконтрола од страна на институциите. Сопствениците на кучиња не ја почитуваат законската обврска да ги чипираат, вакцинираат и стерилизираат домашните миленици.
Најмногу заловени, напуштени кучиња имало минатата година во Подмоље, Пештани, Велгошти, Свиништа, Лескоец. Во градот, пак критични места биле центарот, спортскиот центар кај базенот, хотел Аквалина, болницата „Св. Еразмо“, Андон Дуков, Далјан и Тамаро 10“, напоменува ветеринарот Игор Цветаноски од ВА Зебра од Демир Хисар.
Цветаноски споделува дека е мал бројот на сопственици кои го пријавуваат леглото на размножени кучиња.
Има, но тој процент е многу мал. Нема законска обврска да ги пријавуваат леглата. Законот се уште не е официјален. Мислам она што е напишано на хартија да се спроведува. Исто така и казните да се поголеми доколку се фати некој што ги пушта на улица. Сега се многу мали казните за неодговорно сопствеништво и затоа се случува оваа работа – напоменува ветеринарот Цветаноски.
Ветеринарната амбуланта Зебра од Демир Хисар ги заловува и врши хуман третман на кучињата скитници во општина Охрид. Ветеринарот Цветаноски споделува дека во изминатата година заловиле 85 кучиња. Од нив 8 биле еутанизирани заради здравствени причини, а само 2 за агресивно однесување.
По хуманиот третман на бездомните кучиња, со стерилизација и чипирање околу 90 проценти се враќаат на места каде што биле заловени со помош на службата од Охридски Комуналец. Кучињата кои се враќаат на улица се сметаат за безопасни бидејќи поминуваат тест на социјализација изготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство. Ветеринарот Цветаноски решение на проблемот со кучињата скитници гледа во јакнење на надлежите институции.
Прашањето да се реши институционално. Проблемот доаѓа од неодговорното сопствеништво. Испуштањето на кучињата ние го решаваме секундарно, кога постои проблемот. Ние ќе ги заловиме, а по неколку месеци има нови испуштени кучиња низ градот. Да се врши контрола на тие лица од ветеринарните инспектори и комуналните, локалните власти и државните институции – вели Цветаноски.
ВА „Зебра“ беше избрана на тендер од општина Охрид за справување со кучињата скитници во 2022 година, но не и за општина Струга. Цветаноски напоменува дека тендерот со општина Охрид завршува за оваа година, а доколку општината распише нов тедер и доколку е прифатлива цената повторно ќе се пријават за третман на бездомните кучиња.