Skip to main content

Казни за скутерџиите кои дивеат во Охридското Езеро

Глисирање под бовите од страна на скутерџиите, претовар на рекреативни чамци, се најчестите прекршоци кои се прават во водниот сообраќај на Охридското Езеро. Од Капетанија велат дека нивните инспектори се постојано на терен и изрекуваат соодветни глоби, но признава дека нивните инспектори за внатрешна пловидба не можат да постигнат на сите места подеднакво.

 |  Николоска Биљана  | 

Скутерите, најпроблематична категорија во водниот сообраќај на Охридското Езеро. Од почетокот на овој месец инспекторите за внатрешна пловидба при Капетанија на Пристаништата на Р. Македонија изрекле 5 прекршочни пријави, од кои поголемиот дел се однесуваат за скутерџиите кои не ја почитуваат Одлуката на Влада за ограничување од 11 до 19 часот како и за претовар на патници посебно во рекреативните чамци, пренесува Горан Устијаноски, капетанот на Капетанија на Пристаништа на Р Македонија.

„Капетанијата максимално добро си ја врши работата. Задоволни сме од она што го гледаме бидејќи мора на сите да ни биде јасно дека деликтите, прекршоците како на патиштата ги има и на вода. Добиваме реакции од капачите, полицијата, имаме дојави на самиот брег, но најчесто е од констатирани ситуации на терен лично од нашите инспектори.

Последните коментари на социјалните мрежи дека некои од туристичките бродови кои крстарат по Охридското Езеро се претоварени, Устијаноски ги демантира.

Капетанијата постојано ги контролира бродовите, значи не се вршат само вонредни технички прегледи односно надзор, туку се вршат и редовни контроли при самото товарање на патници. Капетанијата спорниот ден на бродот најде 129 патници а во бродскиот дневник е запишано дека бродот на некои пристаништа оставил уште 15 патници што повторно вкупниот број не ја надминува неговата официјална носивост“.

Устијаноски категоричен дека бројот на патници го контролира капетанот на бродот и тоа е негова законска обврска да води евиденција при самото товарење и истоварање на патници за што постои бродски дневник . Досега не е најден ниаков пропуст при водењето на бродските дневници тврди Устијаноски.