Жители на ул. Асном : Ќе ја тужиме Општината во Стразбур
До редакцијата на ТВМ и „Ти си твојот град“, пристигна допис од жители на улицата „Асном“ кои реагираат на лошата состојба на нивната улица. Овој допис, велат, е со цел да побудат професионална одговорност, но пред се’ човечност кај одговорните од Општина Охрид за да ги добијат правата на цивилизирано битисување, замислете, во 21-ви век.
„Сликите што ги гледате се секојдневие за станарите на улицата АСНОМ. Улица што, иако го носи името на АСНОМ улицата, или таканаречената “ПИСТА” , претставува нејзина темна опачина: без било какво инфраструктурно уредување-неасфалтирана, полна со дупки, огромни бари, неосветлена, илегален паркинг за туристи и наркомани во текот на летниот период, собиралиште на незгрижени кучиња, и најново, главна артерија по која се транспортира ископаната земја и градежниот шут од градежните активности во населба Бејбунар. Како станари на петте згради кои гравитираат на и околу оваа улица, во неколку наврати се обративме до градоначалникот на Општината, Пецаков, но од таму не добивме никаква повратна реакција.
Состојбата перзистира повеќе од 10 години, или со други зборови цели десет години од вселувањето, секојдневно се соочуваме со кал, дупки, ги амортизираме нашите возила, живееме со чувство на граѓани од втор ред и целосно девалвирани основни цивилизациски права, а притоа активно допринесуваме кон истите: редовно ги измируваме нашите комунално инфраструктурни давачки. Напоменуваме дека уште пред 8 години, при вселувањето на односните згради, инвеститорите целосно ги подмириле комуналните давачки према Општината, но истата не ги испочитувала своите должности. Со оглед дека состојбата не се менува со години, а сите трошоци за комунално и инфраструктурно уредување на улицата се подмирени, ние како станари ургентно припремаме Тужба према Општината во судот во Стразбур, при што во истата не само што ги бараме правата во однос на уредување на улицата, туку, бараме одштета од Општината по однос на нарушено човечко достоинство и право на цивилизирано живеење, како и одштета по однос на збрзано амортизирање на нашите моторни возила“, пишуваат во дописот до ТВМ, жителите на ул. „Асном“.