Ќе се гради ли хотелот во Лагадин?
Основата врз која сите градоначалници наназад го поништувале одобрението за градба на хотелот во Лагадин веќе не држи вода и со мериторната одлука на второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски завршува предметот со овој инвеститор, кажа денеска на прес конференција Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
По решението на министерството за транспорт и врски од 1. декември 2022 година кое станува правосилно на 1. март 2023 година со кое се поништува решението на општината за ништовноста на одобрението за градба, без да се врати повторно на одлучување на првостепениот орган, според Пецаков Општината веќе нема што да преземе по тој предмет.
За прв пат во историја, барем за Општина Охрид, второстепената комисија на МТЦ одлучува мериторно, меѓутоа не како што вели законот на вториот пат дека треба да одлучи мериторно туку одлучува на 10-тиот пат и му дава правосилност истиот орган, а не јас. Што значи дека истото решение против кое е покрената управна постапка, а кое е издадено во 2016година сега стапува на сила.
Како да постапи Општина Охрид? Јас не разбирам зошто е повикот кон мене, кога на тие состаноци кои ги имаме со министрите на кои се присутни и од Министерството за животна средина и од култура и од транспорт, да се доведиме во ситуација, да дозволат после 10 решенија да дадат мериторно и правосилно. Не е случајно мериторно, ви гарантирам – кажа Пецаков.
На 23.12.2016 година Општина Охрид издава одобрение за градба на хотелот во Лагадин на самиот брег на езерото. Два и пол месеци потоа, на 15.03.2017год Општината истото го поништува. Ненавремено отпочнување со градба спротивно на одредбите од Законот за градење е основот по кој е донесено решението за ништовност на одобрението и врз ист основ, во период од 7 години се донесени 10 такви решенија. Инвеститорот во неколку наврати поднесувал жалби до второстепениот орган. Второстепената комисија при МТЦ во два наврати во 2019-та година и во 2020-та ја одбива жалбата на инвеститорот и го потврдува решението на Општината. И во двата наврати инвеститорот поведува управен спор со тужба до Управен суд против МТЦ и Општина Охрид пришто судот наложува враќање на предметот кај општината. Само Градоначалникот Пецаков потпишал две решенија за ништовност на одобрението за градба првото од 9.06.2021год, а по второто предметот не бил вратен назад во Општината односо второстепената комисија во МТЦ одлучила мериторно.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на прес конференција која следуваше веднаш по онаа на Пецаков, кажа дека во 2022 година Управниот суд донел пресуда од 10 страни со која го задолжува МТЦ да постапи мериторно и дава можност на Општина Охрид да ја прегледа повторно постапката за издавање на одобрението за градба и доколку има друг основ да го огласи за ништовно одобрението по друг основ. Бочварски лично и министерството како институција биле опоменети од управна инспекција задолжително да донесат мериторна одлука по насоките од Управниот суд.
Сакам да потенцирам за да биде јасно, МТЦ не го потврди одобрението за градба на тој објект. Затоа и укажавме на Општина Охрид, по било кој друг основ да ја разгледа постапката за издавање на одобрението за градење и прибавената документација, затоа што тоа е пресуда на највисокиот орган во постапката. Исто така и Комисијата за УНЕСКО дава препорака општината целосно да го преиспита одобрението за градење во делот на целата постапка. Се уште не е јасно зошто тоа не го прави Општина Охрид по 6 год од издавањето на одобрението за градење бидејќи се работи за објект од 2 категорија во надлежност не на министерството туку на општината – изјави Бочварски.
За Градоначалникот Пецаков основата врз која со години носат решение за поништување на одобрението била прецизна и дури и потврдувана од второстепената комисија во министерството. Но Министерот Бочварски пак, смета дека Општината е незаинтересирана да го разработи детално целиот предмет и да додаде дополнителни аргументи за поништувањето на одобрението согласно насоките од Упрвниот суд.
Основата врз која ние сме го поништувале одобрението за градба била една и единствена и прецизно забележана во сите решенија.
Нека ми каже некој, било кој оттаму врз основа на одлуката на второстепената комисија јас што да правам ? – праша Пецаков.
Јавно ќе го повикам градоначалникот дека нема потреба од манипулации, двојни игри, може да го отвори повторно предметот на разгледување во Општина Охрид, нешто што од него го побара и Комисијата за УНЕСКО. Тоа може да го направи по сите основи само не по овој по којшто веќе има пресуда од управен суд. И доколку не знае како тоа треба да го направи МТЦ, јас лично и службите, сите правни тимови стоиме на располагање на Општина Охрид да помогнеме во понатамошните постапки со цел да дојде правдата во однос на овој објект – кажа Бочварски.
И додека предметот за хотелот на брегот во Лагадин се шета по институции седум години и не се знае дали ќе се најде правен лек за одобрението за градба инвеститорот се очекува да побара и отштета од Општина Охрид што дополнително финансиски ќе ја оптерети блокираната општина.