Ќе се модернизира шеталиштето во Охрид
Модернизација на охридскот шеталиште предвидува Развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2016 год. Општината тоа ќе го прави со средства од сопствениот буџет. Охридските социјалдемократи пак, сметаат дека со тие средства треба да се санира атмосферската канализација.
Охридското шеталиште или Кејот Македонија, ќе се реконструира, обелоденува секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески. Тоа е предвидено за наредната година, согласно Развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2016 година, која ја усвои Советот на општина Охрид.
„Општина Охрид со сопствени средства во рамки на буџетот за 2016 год предвидува постапка за изградба на градскиот кеј во Охрид, нов модерно уреден кеј….исто така во овој буџет се предвидуваат и средства за изградба на пешачка патека покрај каналот до Билјанини Извори. За кејот веќе е изработен и проектот, а деновиве се работи на геомеханички истражувања кои треба да бидат составен дел од овој проект. По добивањето на неопходните дозволи од соодветните надлежни институции ќе се пристапи кон одобренија за градба и на постапка за тендерирање, по што би се избрал изведувач и би се пристапило кон реализација на оваа активност“ – вели Спасески.
Реконструкцијата на кејот Македонија може и да почека, сметаат охридските социјалдемократи. Според нив, приоритет треба да се даде на други инфраструктурни проекти.
„Наместо санирање на катастрофалната атмосферска канализација со парите кои што општината ги доби од срамните продажби на атрактивни парцели, сопственост на граѓаните на општина Охрид, ВМРО – ДПМНЕ и Бакрачески наместо за санирање издвојуваат средства во износ од 72 000 000 денари за изградба и реконструкција на кејот и шеталиштето кое што и самите сте сведоци дека е во една добра состојба. Дополнително е што Бакрачески и ВМРО- ДПМНЕ не изградија ниту фекална канализација на граѓаните на кои што им ветија дека тоа ќе го изградат“ – изјави Стојаноски.
Во истата програма предвидени се и средства за реконструкција на пешачката патека која води од мостот кај каналот Студенчишта до Билјанини Извори. За тоа веќе е избрана фирмата која што работи на идејното решение, а кое треба да биде финализирано деновиве.