Skip to main content

Ќе се намалува бројот на јавните претпријатија во Охрид

Локалната власт најавува рационализација и спојување на дел од претпријатијата со цел финансиска стабилност, додека опозицијата предупредува дека без посветеност и ангажман нема подобрување на состојбата.
 |  инфодеск  | 

Ќе се намалува бројот на јавните претпријатија во Охрид. Во 2011 година, поради политички интереси, бројот на јавните претпријатија од три порасна на седум. Од нив, едно – ЈП „Погребално” – згасна, но останаа неговите долгови, кои ги наследи ЈП „Градски гробишта”.

Градоначалникот најавува операционализација и рационализација на трошоците на јавните претпријатија. Вели дека во тек е анализа за нивната финансиска стабилност, по што ќе следи намалување, односно спојување на дел од претпријатијата.


„Ќе објавиме спојување, односно намалување на бројот на јавните претпријатија, како и намалување на бројот на управни и надзорни одбори. Најбитно е да се овозможи финансиска стабилност и независност во однос на нивното функционирање. Тоа е нешто што, како некој кој ја добил поддршката од граѓаните, конкретно јас, ќе продолжиме да го правиме – да бележиме позитивни финансиски резултати буквално со сите јавни претпријатија”, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

Градоначалникот Пецаков посочува дека се подобрува финансиската состојба на јавните претпријатија. Во изминатите четири години, дел од нив, и покрај наследените долгови, станаа финансиски независни. ЈП „Билјанини извори” и ЈП „Нискоградба” се целосно независни од општината и самостојно ги сервисираат своите обврски. ЈП „Градски пазар” ја доби и урбаната опрема од плажите, со што се подобрува и неговата финансиска слика, а се помага и со набавка на опрема за ЈП „Градски гробишта”.


Позитивните финансиски резултати се составен дел кај неколку јавни претпријатија во изминатите четири години, а продолжуваме со она што за нас е можеби најбитно – раздолжување на јавните претпријатија кои постојано се блокирани. Ако тоа сме го успеале со Нискоградба, од долг од 1 милион и 200 илјади евра да ја раздолжиме и да нема блокирана сметка, сега продолжуваме и со ЈП Комуналец и ЈП Водовод во следните четири години и ќе видиме до каде ќе стигнеме”, вели Кирил Пецаков.

Од друга страна, опозицијата во Советот оценува дека состојбата во јавните претпријатија е резултат на лошо управување и недоволна контрола.


„Номинално се врши субвенционирање на јавните претпријатија, но сведоци сме дека фактичката состојба, во однос на динамиката на нивната дејност за остварување на јавниот интерес и состојбата на терен, не одговара со извештаите на јавните претпријатија.”05:32„Со субвенционирањето на јавните претпријатија, сметам дека дополнително се зголемува непосветеноста и неангажманот во дејноста за интересот на граѓаните и сведоци сме на реакциите на граѓаните во сите сфери за неделувањето на јавните претпријатија”, вели Иван Димкоски, советник од СДСМ.

Во изминатите години, според локалната власт, не се генерирани нови долгови, а секое јавно претпријатие со својата работа тековно ги одржува сопствените потреби. Во Охрид моментално има шест ЈП „Охридски Комуналец”,  ЈП „Водовод” ,  ЈП „Градски гробишта”,   ЈП „Билјанини извори”,   ЈП „Градски пазар” и  ЈП „Нискоградба”. Кои од нив ќе се фузираат засега не се открива.

Новинар: Соња Рилковска