Skip to main content

Проект вреден 45,6 милиони денари

Ќе се подобрува енергетската ефикасност во Југозападниот регион

Во Југозападниот регион во земјава ќе се подобрува енергетската ефиканост. Ќе се вршат реконструкции и ќе се поставуваат термо фасади на повеќе училишта во седум општини. Енергетската криза ги натера општините да размислуваат за обновливи извори на енергија, се поголем е интересот за фотоволтаични системи. Проектот чини 45,6 милиони денари.
 |  инфодеск  | 
Фотоволтаици

Ќе се подобрува енергетската ефикасност во Југозападниот регион во земјава. Во проектот се вклучени седум општини, а ќе се интервенира на 13 објекти.

Две училишта во Струга, по едно во Дебар и Пласница ќе добијат термо фасада, додека во општина Кичево на четири училишта ќе се поставуваат системи за фотоволтаици. Енергетската криза ги натера општините да размислуваат за обновливи извори на енергија.

Со оглед на енергетската криза еве сега повторно имаме таков тип на интервенции и се поголем е интересот за поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија. И во новите проекти, кои ги подготвуваме за следната година исто така имаме поголем интерес од општините заради енергетската криза – вели Мирјана Лозановска, директор на Југозападен плански регион.

Изминативе пет години, Центарот за развој на Југозападниот плански регион реконструираше 50-тина објекти, а бенефитот е заштеда на електрична и топлинска енергија за 30%.

Досега имаме околу 50 објекти направено на територијата на цел регион се разбира. Во најголем дел секако тие се јавни објекти, основни, средни училишта, градинки, друг тип на објекти од јавен интерес – додава Лозаноска.

Во насока на енергетска ефикасност ќе се реконструираат и општинските згради во Дебрца и Македонски Брод.

Вкупната вредност на проектот за енергетска ефикасност во Југозападниот регион е 45,6 милиони денари, од кои 37,8 се од програмата за рамномерен регионален развој.

Новинар : Соња Рилковска