Skip to main content

Ќе се поставуваат полуподземни контејнери на локации кои се критични во поглед на управување со отпадот

Дневниот ред на денешната седница беше надополнет со измени на програми и алокација на буџетски средства со цел набавка на полуподземни контејнери со кои ќе се решава проблемот со управување со отпадот на неколку локации во градот.
 |  Маја Савиќ  | 

На денешната 52 седница на Советот на Општина Охрид поминаа сите точки од Дневниот ред кој беше надополнет со 5 предлог одлуки.

Петте точки со кои беше дополнет дневниот ред се Одлука за прифаќање на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка, предлог решение за именување членови на заедничката Комисија за подготовка на предлог актите за воспоставување на меѓуопштинската соработка, предлог програма за измени и дополнување на програмата за урбана опрема, изградба и одржување за 2025 година, предлог програма за измени и дополнување на програмата за други комунални услуги за 2025 година и предлог одлука за измена на распоредот на средствата во буџетот на Општина Охрид.

Со измената на програмите за урбана опрема, изградба и одржување и за други комунални услуги се предвидува поставување на полуподземни контејнери на неколку локации во градот детектирани како критични во погледна управување со отпадот.

Одлучивме да биде како дополнување на овој Дневен ред со оглед дека рокот за изработка на годишниот план за јавни набавки е до 31 јануари и со цел да не вршиме дополнителни измени и дополнувања на годишниот план за јавни набавки, одлучивме оваа пренамена да ја направиме на оваа Седница. Со ваквата пренамена издвојуваме средства за набавка на полуподземни контејнери со кои ќе се решат одредени критични места во врска со управување со отпадот, пред се на локациите на булеварот „Македонски Просветители“ а тоа се постоечките контејнери кои претставуваат грда слика посебно во летниот период наспроти Рамстор, кај Уни Банка и кај Ваикики и уште на неколку локации предложени од ЈП Охридски комуналец каде ќе се изврши замена на постоечките контејнери со вакви современи полузатворени контејнери за собирање на отпад. секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Советниците меѓудругото донесоа одлуки за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на градежното земјиште и за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на земјоделско земјиште за 2025 година како и за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот (објекти) на подрачјето на општина Охрид. Поминаа и Предлог одлуките за одржување на јавната чистота и паркови и зеленило и за управување со отпад на територија на општина Охрид. Беа изгласани и шест одлуки за легализација на дивоградби