Ќе се уредува просторот околу Билјанините извори и каналот кон СРЦ

Ќе се уреди просторот околу Билјанините извори и долж каналот кон Спортско рекреативниот центар. Оваа информација ја сподели градоначалникот Кирил Пецаков одговарајќи на советничко прашање од советникот Ванчо Костоски на посоледната седница на Совет.

„Сега моментално како што е, сè е само не е туристичка атракција и локација. Значи имате грмушки, имате трње, каналот апсолутно не е никако среден… Исто така, сведоци сме дека секоја година имаме поплавување таму, наместо водата да тече онаму кај што е насочена, тече по патеката и бројни се реакциите од туристите бидејќи не можат ни да пристапат, рече Костоски.
Советникот Ванчо Костоски побара информација дали се планира во иднина да се објави јавен повик за изработка на еден комплетен урбанистички проект којшто ќе го опфати просторот од самиот влез од улицата „Туристичка“ и целиот комплекс до Хидробиолошкиот Завод за разубавување на овој простор.

Проектот е готов, а тендерската постапка се очекува да биде направена на почетокот на 2027 година, посочи Градоначалникот Пецаков.
–Проектот го вклучува просторот од паркингот од спортската сала односно булевар „Туристичка“ па сè до изворите. Вклучува уредена патека, уреден канал, секако зеленило, ќе бидат уредени и сите патеки, како и урбаната опрема што се наоѓа кај самите Билјанини извори, вели Пецаков.
Инаку, во 2021 година започнаа подготвителни работи за изведба на пешачко-рекреативна патека во должина од 265 метри од ресторанот „Билјанини извори“ до СРЦ „Билјанини извори“ на што предходеше јавен повик за избор на идејно решение. Но, овој проект беше напуштен затоа што не ги задоволувал критериумите како урбанистичко решение за просторот.




