По двегодишна пауза Охрид ова лето добива уредени плажи. На 13 локации долж брегот на Охридското крајбрежје ќе се поставува урбана опрема: шанкови, лежалки, столици и маси. На плажите согласно препораките на Унеско нема да има градежни зафати, бетони ниту платформи во вода. Закупците ќе бидат под будно око на комуналните инспектори, тие се должни 50% од просторот да го остават слободен за посетителите.
„Всушност комисијата која првично излезе на терен и која ги испитуваше условите на дадени локации , бидејки не се дадени сите локации кои што петходно беа плажи, е во помала форма. Требаа да исполнуваат три услови: приклучок за вода, приклучок за струја и секкао приклучок на колектор”, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Пред две години беа срушени плажите на охридското крајбрежје, додека на струшкото угостителските објекти на плажите никогаш и не престанаа со работа. Тие со години се издаваат со договори за закуп.
„Овие градови опстојуваат со туризам , овие градови опстојуваат со користење на тие води , на тоа езеро. Работиме интензивно на зачувување на животната средина Секоја забрана драстична за искористување на овој благодет сноси проблеми”, вели градоначалникот Рамис Мерко.
Договорите за закуп на простор за плажи во Охрид се потпишани на три години, но со можност да се раскинат доколку Агенцијата за просторно уредување во меѓувреме го донесе Планот за уредување на крајбрежјето, кога ќе има издавање на плажите под концесија.
Новинар Соња Рилковска