Skip to main content

Ќе се заштитуваат блатните системи во Охридскиот регион

Студенчишкото и Белчишкото Блато чекаат формална заштита. За Студенчишкото, чие зачувување е една од препораките на УНЕСКО, се најавува и долгорочна ревитализација, додека за Белчишкото годинава е отворена постапка за прогласување парк на природата. Еколозите бараат заштитата да се преточи во конкретни мерки за зачувување на овие значајни влажни живеалишта.
 |  инфодеск  | 

Студенчишкото Блато сè уште чека законска заштита. Како природен филтер на Охридското Езеро, блатото го намалува загадувањето, го  регулира водниот режим и е живеалиште на бројни растителни и животински видови.

Потребна е  долгорочна ревитализација, прв чекор е отстранување на шутот, обновување на екосистемите и повторно поврзување со езерото.

„Засега, краткорочната цел ни е да обезбедиме негова формална заштита како заштитено подрачје. Потоа треба буквално да се отстрани целиот шут, да се обноват природните екосистеми и повторно да се поврзе со езерото. Станува збор за цел процес на реставрација на блатото.” – вели Методија Велевски, Македонско еколошко друштво.

Во соседна Дебрца,  започната е постапката за прогласување на Белчишкото Блато, познато и како Сини Вирој, за парк на природата. Станува збор за едно од ретките зачувани блатни подрачја во земјава, со богата биолошка разновидност.

„Во процес е и заштитата на Белчишкото Блато. Се надеваме дека тоа формално ќе се реализира, односно дека наскоро ќе биде донесен соодветниот закон.. Во фокусот сега ни е Студенчишкото Блато, каде што веќе имаме воспоставено добра соработка со Општина Охрид. Студенчишкото Блато е поврзано со Охридското Езеро и претставува еден вид заштитна зона, која го спречува загадувањето на езерото и ја подобрува хидролошката состојба.” – вели Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.

Студенчишкото Блато е важен дел од охридскиот екосистем УНЕСКО со години бара унапредување на неговата заштита, а во одлуката годинава  повторно препорача забрзување на постапката за прогласување парк на природата.  

Галичица