Skip to main content

Водоснабдување

Ќе се одредуваат заштитни зони околу изворите за водоснабдување на Охрид

Јавното претпријатие „Водовод Охрид“, ќе изработи Елаборат за определување граници на заштитни зони околу извориштата за водоснабдување на градот Охрид и околните населени места. Советниците на последната седница ја изгласаа одлуката да се задолжи ова јавно претпријатие да изработи елаборат.
 |  Голабовски Крсте  | 
pumpna

Со цел заштита на водите на одредено извориште за водоснабдување на населението, неопходна е изработка на соодветни Елаборати за одредување на границите на заштитните зони на извориштата. Јавното претпријатие „Водовод Охрид“, е задолжено да изработи Елаборат за определување граници на заштитни зони околу извориштата за водоснабдување на градот Охрид и околните населени места, за што советниците ја изгласаа одлуката. Живка Ангелоска, координатор на советничката група на СДСМ на последната седница на градскиот Совет истакна дека го добиле барањето за задолжување на ЈП за изработка на Елаборатот и побара да види документ во писмена форма за насоката која јавното претпријатие ја добило од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Доколку Министерството ве задолжило ќе беше редно таквото задолжение да го добиеме во писмена форма, онака како што го добивме барањето со кое барате да бидете задолжени за изработка на елаборати. Затоа доколку имате такво задолжение од страна на надлежното министерство, редно е да ни го доставите.“ – кажа Ангелоска.

Пумпна станица

Директорот на ЈП Водовод Охрид, Марјан Ристески објасни дека од ресорното министерствоо досега имаат добиено само усни насоки како да постапат.

„Го немаме на писмено тоа нивно укажување, меѓутоа усно ни е посочено од страна на МЖСПП, дека е потребно најпрво да се отпочне со донесување на одлука од страна на Советот за потребата за изготвување на елаборат за определување граници на заштитни зони околу извориштата за водоснабдување на градот Охрид и околните населени места“– кажа Ристески.

Како инвеститори, односно баратели на овие Елаборати, најчесто се јавуваат општините, поточно, Јавните водоснабдителни претпријатија, кои се формирани од страна на самите општини.

Во  2022 година направени се елаборати за одредување на граници на заштитни зони на извориштата за водоснабдување за неколку општини во државава и тоа: Маврово и Ростуше, Дојран, Богданци, ТИРЗ Прилеп, изворот Студенчица, од кој, со вода за пиење се снабдуваат дури 7 општини.