Skip to main content

Седница на совет

Кеј Македонија претворен во адреналинска патека, критикува опозицијата во градскиот совет

Градоначалникот Пецаков вели дека таквиот изглед на шеталиштето не започнал од него но тој треба да стави крај на истиот и потенцира дека ќе најде начин веќе следното лето сите да можат да шетаат порелаксирано на кејот.
 |  инфодеск  | 
Вовче на кеј

Охрид не доби адреналински парк со кој требаше да се збогати туристичката понуда, но затоа сега адреналинска патека претставува кеј Македонија, кажа од советничката говорница, координаторката на СДСМ , Живка Ангелоска на последната седница на совет посветена на советнички прашања.  Таа упати забелешки до градоначалникот за изгледот на кејот и побара одговор дали сите тезги, урбана опрема и реквизити се поставени со одобрение.

„Потребен е авантуристички дух и многу адреналин за да може да се направи една прошетка по кејот. Секогаш било проблем , проблем беа куќарките  и низ годините не успеа да се најде трајно решение, меѓутоа сега има надградби и доградби и се и сешто на кејот“ – кажа Ангелоска.

За вкусовите не се разговара,  но она што не е убаво едноставно не е убаво, потенцира советничката и го праша Градоначалникот Пецаков дали тој  како млад човек  кога ќе се прошета по кејот се чувствува реалксирано и дали амбиентот околу него на кејот го релаксира.

kej_makedonija_urbana

Онака како што изгледа Кеј Македонија за време на летната сезона ниту го заслужуваме ниту треба да биде тоа така, кажа Пецаков и додаде дека тоа не започнало од него, но дека тој треба да стави крај на истото.

„Непријатно ми е да го направам тоа радикално и во одреден момент бидејќи навикнале 50-тина фамилии да работат и заработуваат на тој начин врз основа на тоа што некој некогаш тоа им го овозможил. Јас како градоначалник кога нешто ќе забранам или да не издавам локации за урбана опрема на тој потег треба да изнајдам друга опција. Во спротивно ќе се соочам со тиа 50 фамилии кое секое лето го ваѓаат лебот на тој начин кој јас не сум го измислил за онака да биде локациски. Во најскоро можно време ќе најдам многу поинакво решение кое ќе биде подостоинствено како што доликува на Охрид. “ – кажа Пецаков.

Сите куќарки за продажба на храна и сувенири како и реквизити за забава се поставени со одобрение по пат на јавен повик, посочи Пецаков. Но додаде дека има и злоупотреби како и појави за кои општината во моментов не може да пронајде решение.

„ Постојат и девијантни појави , претежно на градскиот плоштад  и кај Чинарот а и на кејот кои се санкционираат. Што се однесува за вовчињата по кејот кои не се во делот на урбана опрема и реквизити и за кои општината нема начин да дава одобренија, казната за нив не претставува проблем споредено со нивната заработка, и за нив во иднина ќе треба да се бара решение во соработка со СВР Охрид .“ – кажа Пецаков.

Пеколно е тешко она што се случува години наназад во еден момент да се забрани, но факт е дека издавањето на локации на Кеј Македонија во летната сезона генерира сериозен приход за ЈП Градски пазар како дополнителна дејност за да може претпријатието да функционира, посочи Пецаков. Сепак потенцира дека планира да најде начин веќе следното лето сите да можат да шетаат порелаксирано на кејот.