Здружението на туристички водичи и придружници „Кеј“ од Охрид, демантира дека го поддржуваат новоформираниот туристички сојуз. По прилогот на Телевизија ТВМ емитуван во Дневникот на 14.05.2015 год, во кој беше изнесен ставот на Климент Наумов, претседател на „Кеј“, кој во телефонски разговор и беше пренесен на новинарката од телевизијата, дека здружението ја поддржува секоја иницијатива за подобрување на туристичката понуда на градот но без притоа да прецизира дека туристичкиот сојуз не го поддржуваат, денеска пристигна демант. Во писмениот демант испратен до нашата редакција стои: „Основачите и членовите на нашето здружение не го поддржуваат формирањето на таканаречениот туристички сојуз на Охрид, од една проста причина што целиот концепт на здружување во облик на сојуз, изискува вклученост на повеќе чинители од областа на туризмот, а не само неколку поединци. По дефиниција, сојуз и асоцијација е здружување на повеќе здруженија од одредена област на дејствување со цел подобрување на условите во истата.“ Здружение не може да биде сојуз и со тоа се прекршува законот за организации на Македонија и Законот за здруженија и фондации. Основач на туристички сојуз може да биде Советот на општината- се вели во писмената реакција.
Останува нејасно, зошто овој став, претседателот на здружението, Наумов, не го изнесе во моментот кога беше контактиран на оваа тема од нашата редакција и му беше упатено конкретно прашање „Дали го поддржуваат туристичкиот сојуз“.