Кинескиот кредит за автопатот до Охрид влегува во собрание
Пратениците ќе го гласаат законот за ратификување на овој договор потпишан на крајот од минатата година.
Започнува постапката околу кинескиот кредит за изградба на автопатското решение од Кичево до Охрид и патниот правец од Охрид до Свети Наум. Овој кредит кој македонската и кинеската влада го потпишаа уште во месец Ноември минатата година, наскоро ќе добие и собраниски легитимитет. Владата на Република Македонија, на 9ти овој месец до Собранието го испрати предлог-законот за ратификација на договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина.
„Денес ексклузивно го овјавувам во ТВМ, еве го пред мене договорот. Владата на Република Македонија и кинеската влада потпишаа договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата. Овој договор на Комисијата за надворешни работи, чиј што потпретседател сум јас, оваа недела беше изгласан и во понеделник е на дневен ред во Собранието на Република Македонија и ќе биде ратификуван. Еве добра можност, ги повикувам ако ништо друго, барем пратеникот од Охрид да дојде во понеделник и да не го бојкотира Собранието и заеднички да го изгласаме автопатот за Охрид.“-вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Николоски за нашата телевизија откри и дел од содржината на договорот кој се однесува на инфраструктурните зафати кои се од интерес за државата, а особено за Охрид.
„Овде во член 10 го пишува следното: „Страните ќе си пружат взаемна подршка за испорака и набавка на стоки, градежни работи и услуги, неопходни за изградба на објектите од ставот 1 на овој член, а посебно изградбата на источниот и западниот дел од Коридорот 8, тоа е нашиот коридор, и пишува изградба на делниците автопатска делница Миладиновци-Штип, надградба на патна делница Штип-Кочани и коридор 8, изградба на патот Кичево-Охрид и Охрид-Свети Наум.“-рече Николоски.
По ратификацијата на предлог-законот за овој кредит, со работа ќе треба да започнат стручните служби и од македонска и од кинеска страна. Николоски изрази надеж дека за неколку години ќе имаме готово автопатско решение, во зависност од динамиката и теренот.
Инаку само за потсетување, автопатското поврзување на Охрид и Скопје ќе се прави на два начини. Делот од Гостивар до Скопје ќе биде даден под концесија, бидејќи неколку изведувачи веќе изразиле интерес за проектот, додека делот од Кичево до Охрид, како и патниот правец Охрид-Свети Наум ќе бидат реализирани со средствата од овој кредит.
Договорот со кинеската влада покрај одобрените финансиски средства вклучува и техничка помош од страна на експерти за изработка на развојни планови, потоа одржување на тренинг курсеви, размена на искуства во однос на сигнализација и интегрирани системи. Како дел од приоритетите на договорот се потенцирани и железничката мрежа, но и мостови, телекомуникациски и електро-енергетски објекти.
{loadposition content9}