Киселинов: Откажана е трката во Формула 1 на Охридско Езеро кај Поградец
Tрката во Формула 1 со високо-туражни моторни чамци на Охридско Езеро кај Поградец, е откажана, вели еко активистот Никола Киселинов. Претседателот на Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, која е една од 50-тината граѓански здруженија кои се кренаа против одржувањето на ваква трка на Охридското езеро, вели дека информацијата ја дознал на неодамнешната прослава на Денот на езерото во Поградец. Статусот на трката, која според календарот на организацијата F1-H2O беше закажана за почетокот на јули, на официјалниот сајт на организаторот подолго време беше како „непотврдена“, а од неодамна воопшто не фигурира во распоредот.
„Дефинитивно трката нема да се одржи, се откажува трката. Во Поградец ни спомнаа дека здруженијата од Македонија кои беа против им направиле проблем, но трката била предвидена чисто како промоција на Охридското Езеро, затоа што таа трка никаде нема да се бодува во светската ранг листа на Формула 1.“ – вели Киселинов.
Здруженија и институции од Македонија и Албанија со месеци апелираa до властите на двете земји да се спречи одржувањето на трката. Тие на почетокот на годинава испратија информација за овој настан и до телата на Комитетот за заштита на светското природно и културно наследство на УНЕСКО.
„ Еди Рама потпишал договор со организацијата на Формула 1, но реакцијата од граѓанските организации од Македонија, околу 40 граѓански организации беа вклучени во оваа работа, не државните институции, гласот на граѓански организации допре и до УНЕСКО , такашто УНЕСКО им забрани да се одржува трката. “ – вели Киселинов.
Трка со високо-туражни моторни чамци според еколозите и стручните лица би била погубна за екосистемот на најстарото езеро во Европа, заштитено светско природно наследство и жариште на биодиверзитет со над 200 ендемични организми. Граѓанските организации бараат поголема соработка помеѓу двете земји кои го делат езерото за негова заштита, функционирање на Билателарниот Комитет за заштита на Охридското Езеро и отворање на три канцеларии на УНЕСКО , по една во Охрид и Струга и една во Поградец.