Ќе го избегнеме ли сезонава етикетирањето како најскап туристички центар во земјава?
Изминативе неколку сезони угостителите трпеа остри критики поради политиката на цените на угостителските производи и услуги, особено на социјалните мрежи.
Ќе биде ли Охрид и оваа туристичка сезона етикетиран како најскап град во нашава земја?
Веќе неколку години наназад на социјалните мрежи угостителите трпеа остри критики од незадоволни туристи претежно од земјава околу цените на услугите во дел од угостителските објекти. Често на социјалните мрежи се објавуваа фотографии од фискални сметки од одредени објекти каде туристи платиле дури и двојно поскапа услуга или производ од она што биле навикнати да го плаќаат во местата од каде што доаѓаат. Во исто време пак, најголемиот број од угостителите коментираа дека станува збор за изолирани случаи. Ги запрашавме оние кои се најзасегнати, граѓаните, што мислат за овдешните цени на угостителските производи и услуги.
„Што мислиме за цените? Добри се цените, супер се.“
„Изгледа како да се малку повисок цените овде отколку во Скопје на пример или други градови во земјата, ама сигурно за туристи од западна Европа добри се цените.“
„Па ова е туристичко место и веројатно е поскапо отколку на други места во земјава, ама за нас е сепак ефтино.“
„Катастрофа, многу се големи цените за разлика за туристиве. Треба малку да се намалат.“
„Ние доаѓаме од Турција, секоја недела сме овде, во рестораните, кафетериите цените се навистина пристојни ама ние би сакале и да примаат евра, затоа што луѓе кои доаѓаат овде за кратко време и не можат да менуваат пари само за едно кафе или чај.“
Од Здружението на угостители „Охридски еснаф“ велат дека цените на нивните услуги се дури и пониски од цените во поголемите урбани центри во земјава.
„Здружението на угостители, „Охридски Еснаф“ како што и сами сте запознаени долги години наназад заговара една унифицираност на цените на угостителските производи во своите објекти. Меѓутоа мораме да се сложиме и со фактот дека нашиот лош имиџ, на Охрид како туристички регион произлегува не баш од објектите кои се долго време етаблирани во нашиот град и околината туку баш од оние објекти кои знаат да направат краткотраен бум за време на сезоната од што ни произлегува и некаков негативен повратен ефект од сето тоа.“-вели Михаил Мишев од Здружение на угостители „Охридски еснаф“.
За постигнување на вакви унифицирани цени, според Мишев потребна е помош и од одговорните власти. Појаснува дека унифицирањето на цените не би значело дека една услуги ќе има иста цена во сите угостителски објекти туку дека цените би биле во разумен сооднос со категоризацијата на објектот. Во тој случај, според Мишев, туристите би знаеле според категоризацијата на објектот и какви цени да очекуваат. Дополнува дека цената не е единствениот елемент кој го одредува позитивниот или негативниот имиџ на градот како туристичко место, туку дека тука особено се важни и услугата и односот кон гостите.