Ќе има ли јагнешко на Велигденската трпеза?
Пари немаме, ама адет си е адет.
Што е Велигден без јагнешко? Ова е некое реторичко прашање кое навистина нема потреба да се поставува…или сепак има? Македонската трпеза за големиот христијански празник Велигден традиционално во себе го содржеше јагнешкото месо. Дали од адет, дали поради религиозни побуди или нешто друго, Велигден не може да се замисли без печено јагне. Во последниве години за жал трпезата на обичниот граѓанин се повеќе осиромашува. Ги запрашавме oхриѓани дали тие можат да си дозволат печено јагне за големиот празник.
„Тешко, тешко дека ќе имаме јагнешко за Велигден. Како што доаѓаат се поскапи работиве, не може ништо да се купи, па отпаѓаат и адети и закони и се.“
„За Велигден мора да има, мора нешто да ставиме на трпеза, да си исчекаме и догодина.“
„Според нашиот стандард цените не се во ред ама за денов ќе правиме некако, мора да купиме нешто.“-велат дел од граѓаните.
Јагнето за Велигден дефинитивно има поврзаност со христијанската религија. Јагнето уште во Стариот завет е сметано како симбол на невиноста, а и самиот Исус бил споредуван со јагне. Сепак, конзумирањето на јагнешко месо, според црковните лица, не е строго врзано за Велигден.
„Монасите не јадат, не дека не е добро тоа, меѓутоа чисто од подвиг што си прават, воздржување, од тоа се отклонуваат. Зависи од самата средина. Во Канонот важно, во црковните канони вика на Велигден да се изнесе на трпеза, се мисли после светата литургија, после светата причест, се она што е најдобро.“-вели Отец Љупчо.
Доколку сакате јагнешко на трпезата, оваа година ќе мора да издвоите поголема сума пари. Цената се движи некаде од 340 денари за килограм, па се до 400 денари. Но не се само граѓаните незадоволни. Незадоволство има и кај месарите кои велат дека оваа година е една од најслабите со промет од Велигденските празници. Но сеуште има време, кој знае, можеби нашиот традиционален, обичен граѓанин уште еднаш ќе стисне заби, па последните пари ќе ги даде за достојна Велигденска трпеза.
{loadposition content9}