Skip to main content

Ќе се гради катна гаража или не?

Катната гаража која е предвидено да се гради во рамки на градскиот пазар во Охрид, за советниците од опозицијата е невозможно да се гради, а пак за советниците од позицијата, се оди согласно ДУП кој е донесен пред 7 години. Дел од советниците тврдеа дека катната гаража била веќе еднаш изгласана во некој од минатите состави на советот на општина Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

 

На просторот кај паркингот на градскиот пазар согласно урбанистичко планска документација предвидена е изградба на катна гаража. Донесувањето на одлуката за надоместок за експропријација на недвижност за изградба на катна гаража, кај дел од советниците побуди сомнеж. Советникот Кујтим Усеини укажа дека за истото место пред неколку години веќе се гласало.

„Ние лично, јас, со колегите од прошлиот состав гласавме за катна гаража, таа иста зграда што има дуќани, станови и деловни простории. Што сега ќе биде таа, ќе биде истата? И сега гласаме и ќе гласаме не е проблем, да биде катна гаража, ама знам дека нема да биде катна гаража, бидејќи нема услови, ќе гласам да има нацрт ама јас немам нацрт и нема да гласам за оваа точка

Тихомир Дурнев од секторот за урбанизам појасни точно за кое земјиште од планот станува збор за експропријација. И за да нема недоразбирања дека некој гласал нешто а се изградило друго појасни дека планот бил стар 7 години изгласан со одлука од месец јули 2009 год.

„Фактички објектот што го градеше Ремис, залепен за него до уличето каде што е влезот во пазарот и согласно ДУП от тука е дефинирана градежна парцела и предмет на експропријација е земјиштето на таа парцела. Парцелата се состои од две катастарски парцели, едната е на РМ која е со површина од 1117 квадрати и втората е 99 квадрати во сопственост на ДООЕЛ Ремис, значи таа е предмет на експропријација

Ставот на советниците од опозицијата е дека катната гаража нема да се изгради, истакна координаторот Јован Стојаноски. Тој дополни дека ако требало да се гради тука катна гаража досега ќе била изградена.

„Таа катна гаража е лоцирана кај паркингот кај градскиот пазар и тоа е место кое е дефинитивно интересно за катна гаража и е предвидено со плановите уште од претходната васт. Се надевам дека после март 2017 година, со доаѓање на совесни и развојно ориентирани лица кои што ќе ја раководат оваа општина, предводени од СДСМ, Охрид ќе добие конечно катна гаража. Од оваа власт сигурно нема да добие

Секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, по однос на прашањето околу изградбата на катната гаража истакна дека невозможно е да не се гради таа катна гаража.

„Согласно урбанистичко планската документација, на тој дел од Охрид е предвидено единствено само изградба на катна гаража. По завршувањето на постапката околу средување на земјиштето и комплетно доаѓање на земјиштето на РМ општина Охрид ќе отпочне постапка за тоа земјиште да се продаде на инвеститор кој што на тој дел единствено што може и мора да гради катна гаража. ДУП не овозможува правење на пазари што и како може или не може“.

Одлуката за обезбедување на надоместок за експропријација на недвижност за изградба на катна гаража, беше изгласана од страна на советниците на ВМРО – ДПМНЕ.