Ќе се избира сувенир на Охрид
Охрид ќе добие свој афтентичен сувенир. Локалната објави Конкурс за избор на „Сувенир на град Охрид“. Кој треба да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата, автентичната природа и културата на градот. Наградата за најдобро решение за „Сувенир на град Охрид“ е една и изнесува 30.000 денари.
Ќе се избира сувенир на Охрид. Согласно Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид од 2016 до 2018 година, охридската локална самоуправа објави Конкурс за избор на „Сувенир на град Охрид“. Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата, автентичната природа и културата на градот.
Туристичкиот производ мора да биде прилагоден за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. При тоа мора да се води сметка предлогот да задоволува одредени уметнички и производни стандарди, да се движи во насока на модерното уметничко видување на тематиката. Материјалот, големината и бојата кои ќе се користат за изработка на сувенирот треба да бидат по идеја на авторот, вели Томе Џамтоски-портпарол на Локалната самоуправа.
За изработка на сувенирот потребно е да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се камен, керамика, метал, дрво итн. Идејната концепција, развојот и начинот на изработка на сувенирот и техничките услови за изработка треба да бидат текстуално образложени. На конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани правни и физички лица, а крајниот рок за аплицирање е 13-ти јули 2016 година.
Авторот кој ќе победи на конкурсот треба да обезбеди поголема количина сувенири кои веднаш ќе ги достави до општината. Тие покрај што ќе се продаваат ќе служат и како репрезентативен материјал и ќе се користат на сите манифестации и за промоција на Охрид, вели Џамтоски.
За избор на „Сувенир на град Охрид“, општината формира Комисија која ќе одлучува врз основа на условите на конкурсот, а резултатите ќе ги објави најдоцна во рок од 30 дена од завршувањето на постапката. Наградата за најдобро решение за „Сувенир на град Охрид“ е една и изнесува 30.000 денари.