Skip to main content

Ќе се подобри ли безбедноста на пешаците на „Железничка“?

Граѓаните се жалат дека нивната безбедност постојано е загрозена на оваа високофреквентна улица бидејќи никој не ги почитува сообраќајните правила.  Надлежните велат дека во текот на оваа година проблемот ќе биде надминат.

 |  Мишел Наумоски  | 
Zeleznicka
Железничка

Ќе се подобри ли безбедноста на пешаците на „Железничка“? Оваа високофреквентна улица која воедно е дел од магистрален пат, е проблематична уште од моментот на нејзиното пуштање во употреба, после завршената реконструкција во 2011та година. И покрај поставената вертикална и хоризонтална сигнализација, крстосниците на „Железничка“ изминативе години стекнаа репутација на црни точки во градов, на кои во неколку наврати, повеќе охриѓани го загубија својот живот во сообраќајни несреќи. Граѓаните кои секојдневно поминуваат по „Железничка“ сеуште се плашат за својата безбедност. Не им е важно како ќе се реши проблемот, туку само улицата да стане побезбедна.

pesacki Zeleznicka„Треба семафори, децата одат на школо, треба нешто да има, или семафори, или кружен тек, нешто да има, не е безбедно овде, посебно за децава.“

„Најдобро е да има кружни, за мене, безбедно така ќе биде, или семафори нека стават, сеедно е. Деца поминуваат, гледате, таму има пешачки премин, колите тука поминуваат, и да одиш ти, тој ќе те исцапа, тоа не е правилно, ама тоа е, законите се такви кај нас.“

„Како е за возачите арно, така нека се направи. Безбедно не се чувствувам по тротоар, а не на пешачки премин, затоа што никој не застанува на пешачки премин.“

„Овде треба да се направи како што мисли државата. Ние овде живееме на патот. Мора да се направи нешто, да преземе нешто државата, ние не можеме ништо да преземеме. Дали семафори да стави, дали кружен тек, не можеме ние децава да ги пуштиме до продавница да одат.“-рекоа дел од граѓаните кои ги затекнавме таму.

Советничката во градскиот совет од редовите на опозицијата, Верица Хајба, вели дека во неколку наврати се обидувала да покрене иницијативи за решавање на овој проблем. Последната и била прифатена, а се однесувала на изградба на кружни текови на неколку крстосници долж „Железничка“.

kruzni ZeleznickaТаа реагира дека иако иницијативата и била прифатена и дури бил и одреден и буџет за нејзина реализација, локалната не одвоила ниту денар за истата.

„Вечно ни е изговор дека тоа е затоа што се работи за магистрален пат. Ако се оди до државната институција, ќе речат тоа е работа на локалната, меѓутоа ние како локална самоуправа, треба да бидеме одговорни кон граѓаните кои живеат во општина Охрид. И во консултација со одредени стручни служби во локалната, и од сообраќајната полиција, Улици и патишта, амандманот беше поднесен, прифатен, усвоен, донесен буџет, ни денар во 2014та не е потрошен. Воопшто нема ниту зафат да се направи дури и да прифатам дека сте сакале и семафори да ставите.“-вели советничката од редовите на опозицијата, Верица Хајба.

semafori ZeleznickaОд Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, пак, велат дека овој проблем ќе го решат во текот на оваа година.

„На „Железничка“ бидејќи е на ранг на магистрален пат, беше побарано мислење од Агенцијата за државни патишта и од нив добивме одговор дека на тие крстосници може да се постави семафорска сигнализација и предвидено е исто за 2015та, на „Железничка“ да поставиме семафори бидејќи нема услови за изградба на кружни крстосници .“-изјави Томе Змејкоски од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.

И додека надлежните се договараат кое би било најдоброто решение за подигнување на безбедноста на „Железничка“, граѓаните се чини го кажаа своето. Семафори или кружни текови, сеедно. Нив воопшто не ги интересира чие решение ќе се спроведе, се додека не дојде денот кога ќе можат да преминат од едната до другата страна на „Железничка“ без да се за плашат за својата безбедност.

{loadposition content9}