Класичните пишувани упати заминуваат во историјата
Од Април, упат за специјалистички преглед ќе се добива по електронски пат.
„Мој термин“ е името на новиот модел на упатување на пациентите од примарната кон секундарната и терцијарната медицина. Примената на оваа новина ќе започне од месец Април, а се состои во тоа што наместо со класичните пишувани упати, сега матичните лекари по електронски пат ќе ја прават целата постапка околу упатувањето на пациентите на специјалистички прегледи.
„Секој матичен доктор е должен на својот пациент да му закаже преглед кај специјалст во секундарното и терцијарното здравство и пациентот е должен на закажаниот термин кој што ќе биде по електронски пат и повратно ќе добиваме информации дека прегледот на нашиот пациент му е закажан кај оној специјалист кој што ќе си го избере самиот пациент.“-вели примариус д-р Величе Маркоски.
Оваа метода на упатување на пациентите е всушност пресликан систем од некои од медицински најразвиените центри низ светот.
„Ова е новина со која ќе се избегнат гужвите, ќе се избегне чекањето и е предвидено дека пациентот е должен точно во закажаниот термин да се јави на преглед. Ако му е закажан во 8 часот наутро, пациентот е должен да се јави во тој термин. Ако го пропушти терминот, 8 часот, пациентот ќе биде прегледан истиот ден, но ќе биде последен.“-рече д-р Маркоски.
Д-р Маркоски вели дека ова нема да важи за итните случаи кои секогаш треба да добиваат приоритет и секогаш треба да бидат прегледувани први. Инаку целиот систем за упатување на пациентите е поврзан и со новите електронски здравствени картички, односно сите податоци за пациентот, а и самиот закажан термин ќе бидат меморирани во овие здравствени картички.
Она што како проблем се јавува во целиот овој процес е што најголемата група на осигуреници, односно пензионерите, барем во нашиот град сеуште ги немаат добиено своите здравствени картички. Останува да видиме дали осигурениците ќе ги добијат своите картички пред да започне примената на електронските упати.
{loadposition content9}