Класиката на Молиер, „Тартиф“ , вечерва на Охридско лето
Со класикот на Молиер, „Тартиф“, народниот театар од Битола ќе ја разоткрива честата идеја што се провлекува низ животот, а тоа е принципот на лицемерие и наивност.
Драматуршката класика на Жан Батист Молиер, „Тартиф“ вечерва на програмата на Охридско лето. Оваа приказна за лицемерието добива многу поширок контекст благодарение на Битолскиот народен театар кои при работењето на „Тартиф“ најпрво тргнале од сите моди кои се случуваат во религијата, за потоа да ја опфатат и политиката и да дојдат до концептот „лицемерие и наивност“.
„Тартиф е една од најновите продукции на битолскиот народен театар. Ја направивме некаде на почетокот на оваа година, се разбира од националната програма за култура на Министерството за култура и одтогаш ја имаме изиграно неколку пати. Тоа што можам да кажам е дека е вистинска наслада за гледачите кои наскоро ќе се уверат. Претставата иако третира страшно сериозни проблеми, има една доза на ведрина која можеби и е потребна во овие жешки, летни денови.“-рече директорот на НУ Народен театар-Битола, Валентин Светозарев.
Режисерот, Сашо Миленковски, вели дека во оваа претстава концептот на лицемерие и наивност кој е цврсто вткаен во животот е клучен за нивната изведба на „Тартиф“.
„Знаете во Тартиф приказната е многу едноставна. Во едно семејство влегува еден лицемер и одвнатре го растура. Кога почнавме да ја работиме претставата, сфативме дека тоа семејство ја заслужува таа казна. Откако им се случи се, се сплотија и се организираа заеднички против злото, се тргнаа од својата отуѓеност и почнаа да функционираат конечно како семејство. Тартиф е позитивна фактура, тие добија фактура, во еден момент таа фактура беше сосем ОК што пак им даде можност да го третираме Тартиф на крајно необичен начин, да ги набљудуваме талентите, како една двојна природа, колку што се дарба, толку се и клетва.“-вели режисерот, Сашо Миленковски.
Еве како Огнен Дранговски кој го игра главниот лик, ја разбира улогата на малиот, дебел и лош Тартиф.
„Дојдовме до заклучок дека претставата треба да биде за талентираните луѓе кои се на некој начин отуѓени од другите. Сфативме дека Тартиф, можеби многу семејства, секој од нас заслужува еден Тартиф дома кој ќе не размрда и ќе ни ги размрда нашите тивки животи, да не направи да станеме живи, да не бидеме само сценографија дома, да ни го тргне милето од нашите црно-бели телевизори што ги чуваме од прабаба ни, дека треба нешто ново да се случи луѓе, дајте нешто ново.“-изјави Огнен Дранговски кој го игра главниот лик, Тартиф.
Сценографијата за „Тартиф“ е дело на Зоран Николовски кој смета дека таа не треба да биде само едно личен декор, туку да биде корисна и да произлезе од самиот текст.
„Се прашував постојано кој е тој симбол, мора да има некој знак, симбол што нема да биде асоцијација од прва рака ама ќе зборува многу импресивно за самото дејствие и при работата сфатив дека тоа е една спојувалка, или спојница која на некој денешен современ сценографски јазик изгледа онака како што изгледа во претставата, на самата сцена и после тоа таа идеја ја развивме малку и пошироко. Во секој случај таа спојница е главен симбол во претставата.“-рече сценографот, Зоран Николовски.
Инаку Народниот театар од Битола, на Охридско лето беше предвидено да настапи со претставата „Хамлет машина“ на Хајнер Милер, но поради објективни причини, оваа изведба беше заменета токму со претставата „Тартиф“ која ќе се игра вечерва на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.
{loadposition content9}