Skip to main content

Климатските промени и Охридското Езеро

Охридското Езеро е едно од најранливите во Европа на изложеноста на климатските промени. И Студенчишкото Блато страда исто така.
 |  Голабовски Крсте  | 
Охридско Езеро

Климатскте промени веќе удрија и по живиот свет на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато. Охридското Езеро е класифицирано како едно од најранливите во Европа на изложеноста на климатските промени, поради неговата висока сензитивност, ниска отпорност и големата изложеност на промените на еколошките услови, како резултат на очекуваните промени на климата.

Според Ана Петровска, автор на истражувањето „Климатските промени и отпорот на природата“, сегашната стапка на исчезнување на видовите насекаде во светот веќе е сто пати повисока од таа во прединдустриската ера. Исчезнувањето на некој вид неизбежно ги изложува на ризик и останатите видови. Губењето на биолошката разновидност ќе ги забрза и промените во климата.

„Неколку години по ред научниците регистрираат промени и во однесувањето на охридската пастрмка во периодот на мрест, кој почнува подоцна од вообичаено. Задоцнетото полово созревање на овој ендемски вид риба кој со милениуми живее во Охридското Езеро, според експертите, се должи на глобалните климатски промени“ – се вели во студијата.

Климатските промени, ниската еколошка свест и недоволната заштита сериозно го
загрозуваат опстанокот на охридската пастрмка. Напорите на Хидробиолошкиот завод од Охрид со вештачки мрест да го одржи природниот минимум на овој ендемски вид риба не даваат резултат затоа што и покрај забраната за риболов, рибокрадците продолжуваат да го пустошат езерото.

Хидробиолошкиот Завод уште во 2010 година, навестува дека Охридско Езеро, во кое како во театар може да се набљудуваат еволутивните процеси од пред 2 – 5 милиони години до денес, е под притисок на различни дејности на човекот, но и на климатските промени. Имено, покрај на промени на климата, езерото е изложено на испуштање на непречистени отпадни води, загадување од земјоделството и туризмот, интродуцирање на алохтони и инвазивни видови, неодржливо рибарство и загуба на живалишта.

Охридско Езеро

„Овие промени неизбежно водат кон загуба на биолошката разновидност на нашиот најголем природен воден басен. Студенчишкото Блато од голема важност за Охридското Езеро, трпи поради климатските промени.Неопходно е да се воспостави мониторинг што ќе даде информации за последиците на климатските промени врз биолошката разновидност на Охридското Езеро и на Студенчишко Блато“ – стои во студијата.

Во Македонија, шест од десетте најтопли години по 1951 година се случиле од 2007 до 2012 година, а топли бранови се забележани речиси секоја година од 1987 година до денес. Како последица на ова, голем број на видови не можат да се адаптираат доволно брзо на повисоките температури, зачестените суши, пожарите, бурите и ветроломите.