Климатските промени го загрозуваат живиот свет во Охридското Езеро
Во последните 30 години под влијание на природни услови и човечкиот фактор се чувствуваат промени во климата во светот и нашиот регион не е поштеден од нив. Слатководните еко-системи какво што е Охридското езеро се едни од најзагрозените од влијанието на климатските промени.
„ Тие сладководни системи се доста фрагментирани , изолирани, од друга страна кај нив мошне се забележува човековото односно антропогеното влијание , притисоци, коишто ја забрзуваат деградацијата на самите слатководни еко-системи. Тоа се случува и со Охридското Езеро затоа што климатските промени, не треба само да ги сватиме како зголемување на годишната температура, просечната температура, туку секако тука доаѓаат голем број на стресори, подигнување на нивото на концентрацијата на јаглерод диоксид во воздухот, интензивни промени на сушни и влажни периоди. Сите тие стресни фактори спаѓаат во тој поим климатски промени.“ – изјави Д-р Орхидеја Тасевска – директорка ЈНУ Хидробиолошки Институт Охрид.
Сите тие промени, пред се температурни промени во Охридското езеро предизвикуваат промени во живиот свет до постепено исчезнување на организми.
„ Слатководниот биодиверзитет е всушност најподлежен на такви промени, доколку споредуваме со оранизмите коиштоо живеат на копно или во морските средини. Промената на температурата влијае врз животните циклуси на органзимите, нивниот метаболизам, врз процесот на размножување, на раст и развој, врз нивната способност за преживување. Всушност во слатките води органзимите имаат три можности, да се прилагодат, да мигрираат или да изумрат што секако се случува.“ – вели Тасевска.
Најситните организми имаат способност да се прилагодат, но покрупните како што се рибите кои живеаат во фрагментирани, изолирани услови и немаат можност да мигрираат, многу тешко се прилагодуваат на температурните и другите промени кои настануваат во слатководниот екосистем.
„ Особено е карактеристично за оние видови кои се ектотермни односно немаат способност да се прилагодуваат на тие промени и секако кај нив забележуваме промени во нивниот животен циклус, а на пример охридската пастрмка, моите колеги во текот на своите истражувања , забележале дека доаѓа до промени во начинот на исхрана на овој ендемичен вид риба со тоа што тие се прилагодуваат, се префрлаат од исхрана со слатководниот планктон кон бентосна фауна за жал.“ – вели Д-р Орхидеја Тасевска.
На 26 септември во Охрид, ќе се одржи Климатон на кој ќе се говори за влијанието на климатските промени врз слатководните еко системи и туризмот. Настанот е во организација на ЈНУ Хидробиолошки Институт Охрид и глобалното движење Климатон, а поканети се учесници од научната фела, бизнис секторот, претставници од министерства и сите засегнати страни во справување со предизвиците. Со овој настан Охрид е на глобалната мапа во рамки на ова светското движење заедно со Лондон, Рим, Лима, Буенос Аирес и други градови ширум светот.