Проф. Климе Попоски од ФТУ говорник на Меѓународна конференција за осигурувањето во услови на стареење на населението

Од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид информираат дека проф. д-р Климе Попоски учествуваше како поканет говорник на меѓународната конференција „Navigating Longevity Risk: The Role of Insurance in an Ageing Society“ и на Регионалниот семинар на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори – IAIS за регионот на Централна и Источна Европа и Кавказ.
Од таму додаваат дека настаните се одржаа на 15 и 16 октомври 2026 година во Народната банка на Словачка во Братислава, со учество на претставници на меѓународни организации, осигурителни супервизори, креатори на политики и експерти од осигурителната индустрија, а во рамките на сесијата „Long-Term Care Products: Are Markets Ready for Population Ageing?“, проф. Попоски го презентираше истражувањето „Demographic Trends and the Transformation of Demand for Life Insurance“, изработено во коавторство со Јордан Косески.

-Истражувањето покажува дека врз побарувачката за животно осигурување не влијае само продолжувањето на животниот век, туку и старосната структура на населението, здравствените расходи и пошироките економски и демографски услови. Во презентацијата беше нагласена потребата супервизорите навремено да ги следат ризикот од долговечност и јазот во осигурителната заштита, да поттикнуваат развој на соодветни и достапни производи и да обезбедат нивна транспарентност и соодветност за потрошувачите, велат од ФТУ.



