Клубот за подводни дејности Охрид и Здружение НАТГ „Аматер“ добитници на Повелбата „Св Климент Охридски“
Клубот за подводни дејности Охрид и Здружение на граѓани НАТГ „Аматер“ – Охрид (Културолошка Иницијатива 5 до 12) се годинешни добитници на Повелбата-Патрон на градот „Свети Климент Охридски“.
Оваа одлука ја донесе Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Општина Охрид врз основа на Конкурсот за доделување Повелба – Патрон на градот „Св.Климент Охридски“ за 2024 година.
Клубот за подводни дејности Охрид – најстар активен нуркачки клуб во Македонија. Со своето 40 годишно постоење го промовирал градот Охрид и Македонија насекаде низ светот. Клубот е носител на огромен број на проекти и активно учествувал како носител на проекти, хуманитарни експедиции и пред се во еколошки акции.
Со своите активности, Културолошка Иницијатива 5 до 12 го промовира Охрид како град на културата, го збогатува културниот живот на Охрид и отвора нови перспективи за локалната заедница. Настаните создаваат можности за креативна изразност, создаваат уникатни искуства за локални и меѓународни посетители, ги вклучуваат младите, ја зголемуваат видливоста на млади уметници и поттикнуваат иновативност и социјална интеграција, а го негуваат и духот на заедништво и припадност.
До Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, согласно објавениот конкурс биле пристигнати 9 пријави. Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.